Skip to main content
Министерот за европски прашања на работна средба во Чешка

Спроведување на реформите не е само предуслов за напредок во преговорите за ЕУ туку и фактор за зајакнување на кредибилитетот на евроинтегративен процес

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, во Прага остварил работна средба со министерот за европски прашања на Чешка, Мартин Дворжак, при што била нагласена блиската и пријателска соработка меѓу двете земји и реафирмирана стратешката определба за продлабочување на билатералните односи и за интензивирање на соработката во рамките на европската интеграција.

Министерот Дворжак упатил признание за континуираниот напредок на Македонија во евроинтегративниот процес, нагласувајќи ја важноста на спроведувањето на реформите како темел на пристапните преговори за членство во Унијата.

Како што соопштија од МЕП, Муртезани изразил благодарност за гласната и конзистентна поддршка на Чешка за политиката на проширување, нагласувајќи ја нејзината улога како принципиелен и доверлив партнер во овој стратешки процес.

Тој посочил дека европската интеграција останува стратешки приоритет за Македонија, при што преносот на чешкото институционално искуство и експертиза во областа на пристапните преговори и користењето на европските фондови претставува значаен ресурс за унапредување на националните капацитети.

Муртезани и Дворжак оцениле дека конзистентното спроведување на реформите не е само предуслов за напредок во пристапните преговори за членство во Унијата, туку и суштински фактор за зајакнување на довербата и кредибилитетот на целокупниот евроинтегративен процес.

На средбата била истакната и важноста на развојната и техничката помош, како и досегашната плодна соработка преку IPA Twinning и TAIEX инструментите, и во таа насока Муртезани нагласил дека постојат значајни можности за продлабочување на оваа соработка во повеќе сектори, вклучително и преку заеднички проекти во рамките на европските територијални програми, како што се Interreg Europe и Euro-Med“, стои во соопштението на МЕП.

Дворжак потенцирал дека Чешка е подготвена да го сподели своето искуство во областа на европските политики и да го поддржи институционалното јакнење на Македонија преку нови форми на партнерства.

Дворжак и Муртезани ја поздравиле успешната реализација на повеќе значајни проекти поддржани од Амбасадата на Чешка во Македонија, насочени кон подобрување на условите во образованието, со посебен акцент на децата со посебни потреби, како и кон поттикнување на локалниот развој преку уредување на пешачки и велосипедски патеки и поддршка на младински иницијативи, се наведува во соопштението.

Од Министерството додаваат дека била разгледана и можноста за проширување на билатералната развојна соработка во нови области од заемен интерес, вклучително и преку размена на експертиза и знаења релевантни за европските интеграции.

Соговорниците на крајот изразиле согласност за продолжување на редовниот политички дијалог и унапредување на економската, институционалната и развојната соработка, со заедничка визија за стабилен, просперитетен и европски интегриран регион. 

Поврзани вести