
По поднесена пријава од страна на здружение за заштита на животни, утрово Агенцијата за храна и ветеринарство, во координација и соработка со тимот на ЈП „Лајка“, спроведе инспекциска контрола и одзеде куче од сопственик, кој го држел затворено во крајно нехумани и незаконски услови.
Според сведоштвата на соседите и поднесените докази, повеќе од две години кучето било чувано затворено во мал бокс, без пристап до питка вода, со нерасчистен измет и хрането исклучиво со сув леб.
„Поради ваквите услови, животното е најдено во тешка и загрижувачка состојба – екстремно изгладнето, занемарено и деформирано до степен едвај да стои на нозе“, информираа од „Лајка“.

Инспекциската служба констатирала сериозни нарушувања на одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, по што е донесена одлука за итно одземање на животното и негово префрлање на понатамошна ветеринарна и хуманитарна грижа под надзор на ЈП „Лајка“.
Од „Лајка“ велат дека држењето животно во нехумани услови е кривично и прекршочно дело, а не „начин на чување“.
„Сопствениците имаат законска и морална обврска да обезбедат соодветна грижа, храна, вода, простор и здравствена заштита. Занемарувањето е исто толку сериозен облик на насилство колку и физичкото малтретирање“, посочуваат од „Лајка“.
Пријавувањето од страна на граѓаните, велат од „Лајка“ е клучно за спречување на долготрајна злоупотреба и страдање. Ги охрабруваат и понатаму активно да пријавуваат случаи на злоупотреба и занемарување, со цел обезбедување на навремена и ефективна заштита на животните.

Македонски









