
Собранието на пленарната седница закажана за среда, 18 февруари се очекува да ги констатира оставките на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски и на членот на Државната комисија за спречување на корупцијата Цвета Ристовска.
Веднаш потоа, како што велат од Собранието за МИА, треба да започне постапката за избор на нов претседател на РКЕ и на член на ДКСК. Постапката за нивен избор ќе ја води Комисијата за прашања на избор и именувања.
На 85. седница закажана за 18 февруари се очекува на дневен ред да се најде и изборот на нов уставен судија.
На последната седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата го предложи Гоце Наумовски за нов уставен судија, откако уставната судика Јадранка Дабовиќ Анастасовска во декември поднесе оставка од здравствени причини.
Засега на предложениот дневен ред на 85. седница в среда се Предлог за именување на (непрофесионално ангажиран) член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување и Предлог на закон за органско земјоделско производство, во прво читање. Пред почетокот на работата по точките од дневниот ред треба да се одржат опозициските прашања до премиерот и министрите.

Македонски



