
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан, на која, како што информираат од нејзиниот кабинет, било реафирмирано високото ниво на партнерство меѓу двете држави, што се основа на пријателство, заемна доверба и почит.
Претседателката Сиљановска-Давкова, изразила уверување за натамошно продлабочување на политичкиот дијалог на највисоко ниво и упатила покана за официјална посета на претседателот Пармелан. Таа, исто така, се заблагодарила и за проектната помош во различни области, со што Швајцарија е меѓу најголемите билатерални донатори во нашата држава.
Посочи на важноста на поддршката што Швајцарија ја дава за стратешките определби на нашата држава, што според неа ја демонстрира швајцарската посветеност за стабилност, развој и европска иднина на нашиот регион. Соговорниците го споделија мислењето за важноста на бројната македонска заедница во Швајцарија како важна нишка во развојот на односите меѓу двете држави, се додава во соопштението.
Претседателката повикала на натамошно интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена, вклучително и зголемување на швајцарските директни инвестиции.
Сиљановска-Давкова изрази сочувство за трагедијата во ноќниот клуб во Кран Монтана на новогодишната ноќ и загубата на човечки животи, како ужасен потсетник на трагедијата во Кочани, што остави трајни рани во македонското општество, се вели во соопштението од нејзиниот кабинет.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните случувања на глобален план.

Македонски



