Skip to main content

Сиљановска Давкова на Парискиот мировен форум: Очекувам дискусии што ќе придонесат кон решавање на најгорливите глобални предизвици

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која учествува на осмото издание на Парискиот мировен форум, очекува дискусии што ќе придонесат кон решавање на најгорливите глобални предизвици.

-Чест е да се биде дел од отворањето на Парискиот мировен форум, којшто годинава се одржува на тема „Нови коалиции за мирот, луѓето и планетата“. Очекувам плодни дискусии што ќе придонесат кон решавање на најгорливите глобални предизвици: мирот и безбедноста, климатските промени, дигиталната трансформација, социјалната кохезија, напиша претседатеолката Сиљановска Давкова на својот Фејсбук профил.

Како што претходно информираа од нејзиниот кабинет, Сиљановска Давкова ќе говори на сесијата „Важноста на регионалната соработка на Балканот за идните генерации“, на која ќе се дискутира – како подлабоката регионална соработка може да создаде конкретни можности за младите преку заеднички инвестиции во образованието, мобилноста, иновациите и социјалната инклузија.

На сесијата ќе се разгледа и прашањето како ангажманот на младите може да стане столб на демократската обнова и интеграцијата во Европската Унија.

Претседателката Сиљановска Давкова ќе присуствува на вечерата, којашто во чест на високите гости на Парискиот мировен форум, ќе ја приреди претседателот на Француската Република, Емануел Макрон.

Парискиот мировен форум, основан во 2018 година, e меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка.

Поврзани вести