Skip to main content
Порака од претседателката по повод 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост

Сиљановска – Давкова: Меѓународниот ден на лицата со попреченост нè потсетува на нашата обврска да изградиме општество на еднакви можности

Меѓународниот ден на лицата со попреченост нè потсетува на нашата обврска да изградиме општество на еднакви можности, каде поддршката и разбирањето се темел на секојдневната посветеност за интеграција на лицата кои своите способности ги изразуваат на различен, но подеднакво значаен начин.

Овие личности се неразделен дел од раскошниот мозаик на нашето општество. Со своите уникатни начини на манифестирање на знаењето, енергијата, креативноста и талентот, зрачат непроценлива вредност и додаваат посебна димензија во нашето секојдневие. Нивната видливост и активна вклученост во процесите на одлучување е нужна, оти никој не може подобро и посилно да ги застапува нивните интереси од нив самите.

Хуманизмот и солидарноста, темелни вредности на уставниот поредок, нè обврзуваат да ги гледаме различностите како извор на сила и прогрес, а не како ограничување. Македонија, како социјална држава, ја втемелува својата визија врз постулатите на еднаквост и правда за сите граѓани. Затоа, правичната и соодветна застапеност мора да се однесува и на лицата со попреченост.

Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, којашто нашата држава ја има потпишано и ратификувано, не е само правен документ, туку и завет за целосна инклузија и активно учество на овие лица во сите сфери на општествениот живот.

Нека 3 Декември биде симбол на надеж и повик за создавање инклузивна заедница, каде секој глас ќе биде слушнат, секое право заштитено, а секоја можност подеднакво достапна за сите. Само така, Македонија ќе биде пристојно место за живеење, просперитетна држава и дом на среќни и достоинствени граѓани!, стои во пораката по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.