Skip to main content

Сиљановска-Давкова: Без Ромите нема успешна демократска македонска приказна

Кабинет на Претседателката

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими ученици, наставници и професори од училиштата од Шуто Оризари, односно основци од училиштата „26 Јули“ и „Браќа Рамиз – Хамид“ и средношколци од училиштето „Шаип Јусуф“, како и студенти Роми, а по повод „Меѓународниот ден на Ромите“, 8 Април.

Посочувајќи дека овој ден се одбележува од 1971-вата година, кога во Лондон на првиот ромски конгрес 8 Април бил прогласен за Меѓународен ден на Ромите, претседателката истакна дека еден од иницијаторите на конгресот е скопјанецот, професорот Шаип Јусуф, авторот на првата ромска граматика.

Пред присутните, таа подвлече дека Ромите се неразделен дел од нашето државно и општествено ткиво и секогаш ќе останат. 

Нивната талкачка природа не случајно нашла мир покрај нас на овие простори.  Тука свиле дом и тука припаѓаат. Ни се придружиле во неговата одбрана. Над 200 Роми партизани учествувале во македонската народноослободителна и антифашистичка борба и крв пролеале за слободата, потсети претседателката.  

Ромите се една од најранливите заедници, потенцираше таа, но ние сме чекор напред пред сите други во одбраната на ромската рамноправност и еднаквоста. Ние сме единствената држава во која тие имаат заслужен уставен статус, општина со која управуваат и во која ромскиот е службен јазик, свои партии, реална можност за свои пратеници и министри. Но, тоа не е доволно, смета таа. Потребни се вистински, одважни чекори во одбраната на нивните права и подобрувањето на нивниот живот.    

Еден од нашите најголемите уметници, Никола Мартиновски на многу слики насликал прекрасни Ромки со деца, потсетувајќи не на нив, рече претседателката. 

Според неа, Ромите се народ со немирен, нескротлив, слободарски дух и силна потреба не само од музика и игра, туку и од докажување. Скромни се и малку им треба за среќа. Мора да добијат поголеми шанси на сите полиња. Во нив се крие многу енергија и креација.  

Таа ја спомена мудроста на легендарната Есма Реџепова, која ја прослави ромската, но и македонската култура ширум светот. Ги цитираше нејзините мудри и искрени зборови: „Ромите се космополити, благороден и добар народ, никогаш досега немаат никого окупирано, ниту војувано со некој. Сакаат да живеат заедно, но само доколку им се подаде рака“.

Ние им ја подадовме едната рака, но треба и другата, ако сакаме да бидеме подобри луѓе и да градиме општество на рамноправни граѓани. Без Ромите, нема успешна демократска македонска приказна”, рече таа.

Поврзани вести