
Средношколците од штипските средни училишта државната матура ќе ја полагаат во амфитеатрите на Факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, информираше денеска директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска-Михајловска, која имаше средба со директорите на средните училишта.
Таа посочи дека целта е да нема застој во организирањето на државна матура во голем простор, што првпат оваа година ќе се реализира во просториите и амфитеатрите на УГД Штип.
Денешната средба е организирана по повод последните подготовки околу организирање на државната матура во голем простор, вели Јовчевска-Михајловска.
Таа посочи одлуката државна матура да се организира во поголем простор е со цел учениците да имаат поголем конфор, но и наставниците да можат да ги набљудуваат средношколците со што би се намалило и препишувањето.
Директорката на Средното општинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“-Штип, Јованка Шалева додаде дека просторот меѓу учениците на државна матура треба да биде метар и половина, со што би работеле непречено.
Денес како гости ги имаме преставниците од Државниот испитен центар. Тие се овде за поуспешна организација на државната матура за оваа година, изјави Шалева.
Пред два месеци директорката на Државниот испитен центар Јовчевска-Михајловска и ректорот на УГД Штип, Дејан Мираковски потпишаа меморандум со што во мај и јуни сите амфитеатри на универзитетот ќе бидат ставени на располагање на учениците за полагање државна матура. УГД Штип располага со голем број амфитетари кои собираат од 80 до 240 ученици, со што треба успешно да се реалзира државната матура.