Skip to main content

Шасивари: Македонија и Косово градат силно партнерство на европскиот пат

Министерот за правда Јетон Шасивари оствари средба со амбасадорот на Република Косово во земјава Флоријан Ќехаја, на која беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка и интензивирање на партнерството во областа на правдата и евроинтеграциите.

Како што соопшти Министерството за правда, на средбата било истакнато дека Македонија и Косово, како добри соседи и партнери, ја делат истата визија за стабилен регион заснован на владеење на правото, демократски вредности и полноправно членство во Европската Унија.

Во таа насока, била нагласена важноста од размена на искуства и добри практики кои ќе придонесат за поефикасно спроведување на реформските процеси.

Посебен акцент бил ставен на реформите во правосудниот систем, зајакнувањето на независноста на судството и процесот на дигитализација.

Министерот Шасивари истакнал дека функционално, независно и ефикасно правосудство е предуслов за враќање на довербата на граѓаните и за успешен напредок во европските интеграции.

Од Министерството за правда посочуваат дека заедничката определба за реформи, владеење на правото и европска интеграција претставува силен темел за уште поинтензивна соработка меѓу  Македонија и Косово.

Поврзани вести