
Националните мрежи на младински организации Коалиција на младински организации СЕГА и Национален Младински Совет на Македонија и Сојузот за младинска работа, вчера поднесоа Предлог Текст на Закон за Измени и Дополнувања на Законот за младинско учество и младински политики до Пратениците од Клубот за младински прашања и младински политики во Собранието на Р. Македонија.
Предлог текстот е креиран врз основа на широк консултативен процес за измени и дополнување на Законот. Во периодот од стапување на сила на Законот, од страна на младинскиот сектор се спроведени четири мониторинг анализи на имплементацијата и индекс за младинско учество преку кој се опфатени локалните механизми. Дополнително, во текот на изминатата година беа реализирани низа алатки за креирање на сеопфатен пакет на измени и дополнувања на законот вклучувајќи национална анкета, регионални фокус групи, национални конференции и работилници. Преку овие алатки се овозможи учество на над 1000 млади, 80 младински организации и организации за млади како и претставници од државните институции, единиците на локалната самоуправа, локалните младински совети и младински работници.
Како мрежи на младински организации силно веруваме дека со предложените измени на Законот за младинско учество и младински политики значително ќе се подобри примената на механизмите за младинско учество како и младинските сервиси кои Законот ги предвидува. Со предложените измени ќе се зајакне функцијата на службениците за млади, ќе се поедностави процесот за воспоставување на локалните младински совети и националното советодавно тело, и ќе се даде фокус на воспоставување на функционални младински центри.
Ги повикуваме пратениците кои се дел од Клубот за младински прашања и младински политики да отпочнат итна постапка за измени и дополнување на Законот за младинско учество и младински политики, и да обезбедат транспарентен и сеопфатен процес со вклучување на сите засегнати страни во согласност со Собраниската пракса.
Воедно го повикуваме Министерството за социјална политика, демографија и млади, како Министерство во чиј ресор спаѓа спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики, да го поддржи процесот и Нацрт-Законот за измени и дополнување на Законот за младинско учество и младински политики.