Skip to main content

Седумтемина на лекување во Шпанија се во стабилна состојба

Во стабилна состојба се сите седум повредени од пожарот во дискотеката во Кочани кои вчера беа транспортирани на лекување во Шпанија, информираа за МИА од Амбасадата на Кралството Шпанија во земјава.

Пациентите се пристигнати вчера, направени се првичните медицински контроли, истите се во стабилна состојба и веќе е отпочнат процесот на лекување и третирање во споменатите болници, наведуваат од Амбасадата.

Воедно, од Амбасадата ја споделуваат информацијата дека и кралот на Шпанија, Фелипе Шести, има испратено телеграма со сочувство до претседателката Гордана Сиљновска-Давкова по повод трагедијата во Кочани.

Со длабока тага дознав за трагичниот инцидент кој се случи како последица на пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, за време на концерт, во кој загинаа најмалку 59 лица, а десетици други беа повредени. Во мое име, во име на Владата и на шпанскиот народ, упатувам најдлабоко сочувство и изразувам целосна солидарност со народот на Македонија. Заедно со кралицата, испраќаме искрена поддршка до семејствата на починатите и најдобри желби за брзо закрепнување на повредените, се наведува во телеграмата.

Амбасадата на Кралството Шпанија во земјава вчера објави дека седум повредени во пожарот во дискотеката во Кочани се транспортирани за Шпанија со медицински авион од Норвешка.

По трагедијата во Кочани, медицински авион обезбеден од Норвешка полета од Скопје за Мадрид, превезувајќи седум повредени кои ќе добијат медицинска помош во болниците во Ла Паз и Хетафе. Шпанија е секогаш блиску до Македонија и се солидаризира со жртвите од пожарот, беше објавено на официјалниот налог на платформата Икс на Шпанската амбасада во земјава.

Болниците Ла Паз и Хетафе имаат национално и меѓународно признати центри за грижа на пациенти со изгореници.

Поврзани вести