Skip to main content

СДСМ влезе во медиумите, Филипче поставен за главен уредник

Војната што Венко Филипче ја отвори со медиумите не е спореден епизоден конфликт, туку централна карактеристика на начинот на кој денес функционира раководството на Социјалдемократски сојуз на Македонија. Наместо лидер на опозиција што гради политичка алтернатива, Венко Филипче сè почесто настапува како рецензент на медиуми, уредник на наслови и јавен арбитер кој одлучува што е дозволена критика, а што „сценарио“, што е новинарство, а што „хајка“. Тоа не е само промена на фокусот – тоа е опасна замена на улоги.

Во своите настапи, Филипче не прави јасна разлика меѓу медиумски жанрови, извори и контексти. Во ист кош се ставаат уреднички наслови, пренесени партиски соопштенија, авторски колумни, па дури и директни цитати од политички противници или поранешни сопартијци. Со таков пристап, медиумот се прогласува за одговорен и за туѓа изјава, и за туѓ став, и за туѓ политички интерес. Тоа не е медиумска критика – тоа е делегитимирање на самото известување.

Кога лидер на опозиција јавно набројува медиуми, новинари и наслови, сугерирајќи дека „ова не може да го каже независен новинар“ и дека зад критиката стои координирана мрежа, тој не ја штити слободата на говор. Тој испраќа порака дека критиката е сомнителна, а новинарството условно. Во демократско општество, тоа веќе личи на притисок. Не формален, не институционален, туку симболичен и политички – притисок што доаѓа од позиција на моќ и влијание.

Трагично е што фокусот на ваквата политика се сведува на наслови. Додека опозицијата би требало да зборува за решенија, закони, алтернативни политики и визија за државата, нејзиниот лидер држи прес-конференции за тоа како бил насловен. Наместо да се води битка за доверба кај граѓаните, се води битка за контрола на наративот. Наместо политичка офанзива – дефанзивна реторика и чувство на опсада.

Особено проблематично е што ваквиот однос кон медиумите доаѓа паралелно со внатрешни конфликти во самата партија. Кога поранешни функционери јавно критикуваат, најавуваат тужби или зборуваат за клановско и криминогено раководство, а сето тоа се става под истата етикета „сценарио“, тогаш повеќе не станува збор за надворешен притисок, туку за одбивање да се прифати реалноста.

Политичар кој се поставува како уредник, неминовно почнува да ја губи улогата на политички лидер. Наместо да издржи критика, тој се обидува да ја дисциплинира. Наместо да одговори со аргументи, тој одговара со етикети. А партија што не може да поднесе наслов, тешко може да поднесе власт.

Во таа смисла, проблемот не е дали некој наслов е остар, провокативен или политички мотивиран. Проблемот е што лидерот на опозицијата избра да се занимава со тоа. Затоа што во моментот кога политиката се сведува на војна со медиумите, а лидерството на рецензирање на наслови, опозицијата престанува да биде коректив на власта и почнува да личи на нејзина бледа сенка.

Поврзани вести