
СДСМ поднесе интерпелација за министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ, со која бара утврдување на неговата политичка одговорност поради однесувањето во Собранието и неговите јавни и политички активности, за кои опозициската партија тврди дека се спротивни на националните и стратешките интереси на државата.
Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на прес-конференција соопшти дека интерпелацијата се однесува на повеќе спорни постапки на министерот, меѓу кои ги посочи неговите наводни врски со српски разузнавачки структури, активностите поврзани со Русија и Кина, како и содржини со кои, според СДСМ, се велича Ратко Младиќ, осуден за геноцид.
Од партијата сметаат дека ваквото политичко дејствување е несоодветно за член на Владата на држава која е членка на НАТО и има надворешна политика усогласена со Европската Унија.
Како дополнителен основ за интерпелацијата, Трајчулески ги наведе и наводните пцовки, навреди и закани упатени кон пратеници од СДСМ во Собранието, меѓу кои Фатмир Битиќи, Арбана Пашоли и нему лично. Тој посочи дека Стоилковиќ досега не бил повикан на одговорност за ваквото однесување, ниту се извинил.
Од СДСМ го проблематизираат и патувањето на Стоилковиќ во Кина, каде што, според нивните тврдења, настапувал со делегацијата на Српската напредна партија и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Трајчулески оцени дека министерската функција не смее да се користи за промовирање политики што се спротивни на државните стратешки определби, додавајќи дека за останувањето на Стоилковиќ во Владата директно одговорен е премиерот Христијан Мицкоски.
„Државната функција не е партиска пропусница. Македонија има свои институции, свои интереси и своја надворешна политика“, порача Трајчулески.
Со интерпелацијата, СДСМ бара од пратениците да се изјаснат дали ќе застанат зад, како што велат, достоинството на Собранието и државните интереси или ќе го заштитат министерот Стоилковиќ.

Македонски




