
Со цел зајакнување на системската заштита на жените жртви на насилство и подобрување на законската рамка, денеска се одржа првиот состанок на Работната група за следење, анализирање и давање препораки за подобрување на националната легислатива за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како и за подготовка на предлог итни измени на законодавството.
На работната средба присуствуваа заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
Состанокот се одржа во Министерството за социјална политика, демографија и млади, согласно заклучокот донесен на Итната седница на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство.
Работната група ќе работи на измени и дополнувања на повеќе закони, меѓу кои:
-Законот за полициски овластувања;
-Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство;
-Законот за социјална заштита;
-Законот за правда на децата;
-Законот за бесплатна правна помош;
-Законот за кривична постапка;
-Законот за парнична постапка и
-Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.
Членовите на работната група се номинирани претставници од релевантни институции и граѓански организации, меѓу кои: Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Министерството за правда, невладиниот сектор, надлежните судови, Јавното обвинителство, претставници од академската заедница и од Собранието. Во работата на групата се вклучени и надворешни соработници од меѓународниот сектор.
На состанокот беше заклучено секоја институција до следната средба да достави конкретни предлози за законски измени, како и измени на подзаконски акти, правилници и протоколи, согласно утврдените потреби. Целта е да се обезбеди поефикасна практична примена на законските решенија и дополнително да се зајакнат механизмите за спречување на насилството и заштита на жртвите од родово базирано и семејно насилство.

Македонски

