
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе учествува на Парламентарниот Самит на Парламентарното Собрание на НАТО (ПС на НАТО), што денеска и утре се одржува во Истанбул, Турција.
Во делегацијата што ја предводи претседателот Гаши, се и пратеникот Драган Ковачки, кој е шеф на Делегацијата на нашето Собрание во ПС на НАТО, како и Ибуш Јусуфи, заменик генерален секретар на Собранието.
Како што информира собраниската прес-служба, Гаши на Парламентарниот Самит на ПС на НАТО, на кој учествуваат претседатели на парламенти на земји членки на НАТО, како и шефови на парламентарните делегации во ПС на НАТО, ќе има и обраќање. Парламентарниот Самит се одржува во пресрет на Самитот на НАТО, што наскоро ќе се одржи во Анкара, Република Турција.
Воведно обраќање на Самитот ќе имаат и претседателот на Големото Народно Собрание на Република Турција, Нуман Куртумлуш, претседателот на ПС на НАТО Маркос Перестрело, како и заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска.

Македонски



