
Очекувам утре предлог измените на Законот за локална самоуправа да бидат јавно достапни на ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар на прописи), за да имаат сите чинители уште триесетдневен рок да дадат сугестии, забелешки и предлози и покрај целиот консултативен процес кој се одржа во изминатиот период“, најави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на ТВ Алфа.
Меѓудругото, обелодени дека механизмот за отповик на градоначалник, една од алатките предвидена со законските измени, нема да може да се користи во првата и последната година од мандатите на градоначалниците. Првата, поради кусиот рок за реална оценка за работата на градоначалникот, а последната поради нелогичноста тоа да се преземе во пресрет на избори. „Изменетиот закон нема да важи ретроактивно, но извесно е дека оние кои не ја извршувале функцијата совесно, ќе ја платат казната на политичката сцена“, истакна министерот.
Тој оцени дека Македонија, за жал, каска во однос на рамномерниот регионален развој, што генерално, се должи на несоодветните политики на претходните власти. Перински појасни дека Министерството за локална самоуправа сега спроведува две програми, едната Програма за рамномерен регионален развој, која врз основа на степен на развиеност на регионите ги креира политиките во насока на развојот, а другата Програмата за диспаритети, која има за цел да ги намали разликите меѓу регионите.
Врз основа на коефициентот на развиеност на регионот, најразвиениот добива најмалку средства од соодветната програма, се со цел да се изедначат разликите. Средствата можеби се незначителни да се смени сликата, но затоа ни стојат на располагање огромни фондови и од Европската Унија и од сите останати можности и треба да се искористат“, истакна Перински, кој посочи дека еден од приоритетите на Министерството е фокусирање на политиката на регионален развој, бидејќи таа практично е иднината на земјата. За таа цел, порача министерот, се користат искуствата и позитивните практики од земјите од регинот, меѓу нив од пријателска Словенија и Унгарија.
Перински во гостувањето на ТВ Алфа, изрази задоволство од подготвеноста и ажурноста на градоначалниците за понудената финансиска поддршка за инфраструктруни проекти со средства од државниот буџет и информираше дека заклучно со денешниот ден, на вториот повик поднесени се 308 апликативни формулари од повеќе од половина од општините во земјава. Во однос на состојбата со реализацијата на проектите од првиот повик, Перински изјави дека од вкупно 288 одобрени, само уште 15 не се започнати со теренска реализација.