
Над 238 илјади ученици утре се враќаат во училишните клупи. Новата учебна 2026/2027 година ќе ја започнат околу 174 илјади основци и 64 илјади средношколци, а за првпат на училиште ќе тргнат 14.952 првачиња.
Од Министерството за образование уверуваат дека учебниците се обезбедени навреме за сите ученици. Годинава се набавени 622 илјади учебници, а целосно нови изданија ќе добијат учениците од прво, второ, трето и осмо одделение, како и учениците од втора година во гимназиите, каде што почнуваат да се применуваат нови наставни програми.
Едносменска настава ќе има во 620 од вкупно 1.023 училишни објекти. Паралелно се прошируваат 14 училишта, а во следните месеци треба да почнат уште 15 вакви проекти.
Новата учебна година, сепак, почнува и со помалку ученици и паралелки. Поради недоволен број деца, привремено ќе бидат затворени 26 подрачни училишта, додека вкупно 148 училишни објекти, главно во руралните средини, остануваат празни. Со оптимизацијата бројот на паралелки се намалува за 433 – 222 во основните и 211 во средните училишта. Од МОН велат дека поради овие промени нема отпуштени редовно вработени наставници.
Наставата за најголемиот дел од учениците ќе трае до 10 јуни, а за матурантите до 17 мај. Во септември, со владина одлука, училишниот прибор треба да се продава по најмалку 15 проценти пониски цени.

Македонски


