
Собранието вечерва ја отфрли интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. „Против“ интерпелацијата гласаа 72 пратеници, 20 „за“, а немаше воздржани. Интерпелацијата што ја поднесе Левица, ја поддржаа СДСМ и ДУИ. Базирана е на десет основи, од кои пет се директно поврзани со трагичната несреќа во Кочани во која животот го загубија 62 лица, а близу 200 беа повредени.
Расправата ја одбележаа меѓусебни обвинувања за институционални пропусти, политичка одговорност и неспособност во справувањето со безбедносните предизвици. Левица го обвини Тошковски дека несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.
Според Левица, МВР потфрлило со тоа што дало согласност за објектот дека ги исполнува условите за заштита на јавниот ред и мир, плус безбедноста на сообраќајот како во сопствените надлежности за проверка на работно време, на гласност и бучавост, на присуство на малолетници после полноќ, на точење алкохол и употреба на наркотички супстанции. Останатите пет основи за интерпелацијата се однесуваат на уапсени граѓани во гостиварско кои чистеле црква, на непостапувањето при палењето на македонското знаме за време на прославата на Денот на албанското знаме, кражбата на марихуана која ја чувала полицијата, за случајот со апсењето и притоворањето на телохранителот на премиерот поради одавање службени тајни, и, како што велат, на катастрофалната кадровска политика во Министерството исполнета со непотизам и кронизам.
Министерот Тошковски, во текот на расправата рече дека не се плаши од одговорност и оти останува на функцијата за да се соочи со вистината и да ги разјасни сите дилеми. Се осврна на сите точки од интерпелацијата, вклучително и трагичниот настан во дискотеката во Кочани, нагласувајќи дека во овој случај МВР нема направено пропуст. Тој потенцира дека лиценцата за дискотеката „Пулс“ била фалсификувана, а во однос на пиротехничките средства, нагласи дека МВР работи согласно закон.

Тошковски посочи дека институциите преземаат мерки за сите отворени случаи, меѓу кои и кражбата на марихуана во Карбинци, злоупотребата на службени документи кај припадник на полицијата, и протестите поврзани со случајот со црквата во Галате. Ги отфрли тврдењата за етнички предзнак и обвини одредени структури во ДУИ и СДСМ за обид за дестабилизација.
Претходно, во тек на паузата на седницата, Тошковски оствари средба со родителите на настраданите во пожарот кои денеска одржаа марш во Скопје, а беа на средба и во Јавното обвинителство.
Во тек на расправата, Левица побара на седницата да присуствуваат родителите на настраданите во пожарот во Кочани, а претседателот на Собранието Африм Гаши тоа го оцени како манипулација со јавноста.
Собранието констатираше и дека нема потреба од автентично толкување на член 3 точка 4-а) од Законот за трговските друштва, поднесено од пратеникот Златко Пенков, со што беше исцрпен дневниот ред на 46. седница. Законодавниот дом продолжи со работа по точките од 43. седница.