Skip to main content

МОН првпат обезбедува учебник по „Јазик и култура на Ромите“ за 6. одделение

Министерство за образование и наука

Министерство за образование и наука (МОН) направи значаен исчекор во унапредување на образованието на ромската заедница, обезбедувајќи за прв пат учебник по изборниот предмет „Јазик и култура на Ромите“ за 6-то одделение.

Оваа новина доаѓа по спроведената постапка согласно објавеното известување на МОН, како и по измените во Законот за учебници во основното и средното образование („Службен весник на РСМ“, бр. 3 од 3.1.2025 година), со кои се интервенираше во членовите 10 и 15. Со овие измени се создадоа услови за проширување на наставните материјали и за повисоките одделенија.

Во минатото, учениците од ромската заедница имаа на располагање учебници по овој предмет само од 3-то до 5-то одделение, што претставуваше ограничување во континуитетот на изучување на сопствениот јазик и култура. Со новиот учебник за 6-то одделение чиј автор е Даниел Петровски, за прв пат се обезбедува надградба на наставниот процес. Информираме и дека во тек е постапка за изработка на учебник за 7 одделение.

Министерство за образование и наука

Паралелно со ова, МОН донесе и нов подзаконски акт, Правилник за начинот на формирање групи помали од 15 ученици од исто одделение, со цел да се овозможи изучување на јазикот и културата на заедниците и во случаи кога бројот на ученици е помал. Правилникот е донесен врз основа на член 53 став (9) од Законот за основното образование.

Според податоците, изборниот предмет „Јазик и култура на Ромите“ во моментов го изучуваат над 2300 ученици Роми, распределени во 13 основни училишта во 7 општини низ државата.

Министерството за образование и наука го честита 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите и изразува уверување дека интензивно ќе продолжат да се имплементираат политиките за унапредување на образовната еднаквост, зачувување на културниот идентитет и зголемување на пристапот до квалитетно образование за учениците од ромската заедница.