
Министерството за образование и наука (МОН) и Бирото за развој на образованието (БРО) организираат јавна дискусија за изработка на список со предлог-лектири за основно образование. Оттаму упатија покана до сите заинтересирани – наставници, стручни служби и чинители во образованието да се вклучат во дефинирањето современ и квалитетен лектирен список, кој ќе одговара на реалните потреби на учениците и наставниот процес.
МОН веќе објави предлог-список на лектири од второ до деветто одделение, наведувајќи дека потребата од негово ажурирање е согласно стремежот за усогласување на наставните содржини со современите образовни цели. Целта, како што велат од Министерството, е учениците да читаат содржини блиски на нивната реалност, кои се доволно слоевити за анализа и кои ќе поттикнат критичко размислување, дискусија и личен развој.
„Предлог-списокот е изработен врз основа на списокот што се реализира во наставата од учебната 2019/2020 година. Одредени наслови се отстранети поради ниска читаност, несоодветност на возраст или содржина. Поради промени во наставните програми и интердисциплинарно поврзување во наставата, некои дела се преместени во друго одделение или добиле нов статус – од задолжителни станале изборни и обратно. Во предлогот се вклучени дела што обработуваат современи и значајни теми, меѓу кои: идентитет и самодоверба, пријателства и меѓучовечки односи, училишен живот и булинг, емоционални и психолошки предизвици, културна разноликост, инклузија на деца со посебни образовни потреби“,наведуваат од Министерството за образование и наука.
Од МОН додаваат дека предлог-списокот на лектири е отворен за предлози за сите одделенија од второ до деветто, а предвидена е и можност за вклучување на по едно дело од националните литератури на сите наставни јазици, при што секое дело ќе биде преведено на сите службени наставни јазици во Македонија.

Македонски






