
Голем број млади жители на Тетово вечерва на градскиот плоштад запалија свеќи и донесоа цвеќе за да оддадат почит за настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани.
И покрај дождот, младите тетовци молкум стоеја и чекаа ред да запалат свеќа и остават цвеќе за да оддадат почит за прерано згаснатите 59 човечки животи.
Зборови да се искажат за оваа трагедија нема, но ние како млади волонтери, младинци, на Црвениот крст, општинска организација, Тетово вечерва сме тука да искажеме почит и поддршка до родителите, истакна Радица Ѓорѓевска од ОО Црвен крст Тетово.
Таа апелираше граѓаните да донираат по 100 денари преку телефонските оператори Телеком и А1 на телефонскиот број 143 400 за помош на семејствата на настраданите. Донирање е можно и преку сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РСМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданите граѓани во пожарот во Кочани.