Skip to main content

Контролор може да провери дали пациентот е дома додека е на боледување, матичниот лекар наместо 7 да дава 5 дена боледување, рецептот од дежурен да трае 24 часа

Фонд за здравствено осигурување

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Златко Перински, денеска најави дека на Управниот фонд на ФЗО ќе биде предложена предлог-измена на Правилникот за боледување, со цел да се осигура дека средствата што ги исплаќаат стигнуваат до оние на кои им се најпотребни, како и за да се зајакнат механизмите што ќе овозможат превенција на потенцијална злоупотреба на боледувањата.

Само во август, ФЗО исплати нешто повеќе од 623 милиони денари за боледување, од коишто 414 милиони се однесуваат на породилно отсуство. За мене и за вработените во Фондот ова не се само ставки во рамки на буџетот, туку ова се обврски коишто ние како Фонд сме должни да ги испорачаме кон оние коишто имаат потреба.
​Но, истовремено, мораме да бидеме и одговорни и кон системот со којшто управуваме, заради тоа што кога ќе кажеме бројка од 623 милиони денари исплатени само по основ на боледување, јасно е дека мораме да имаме јасно воспоставени правила и механизми во делот на систем на контрола.
​Во таа насока, до Управниот одбор ќе предложиме предлог-измена на Правилникот за боледување, но исто така и предлог-измена на критериумите за контрола, за да бидеме сигурни дека овие средства коишто ги исплаќаме стигнуваат до оние на коишто им се најпотребни и да бидеме сигурни дека ќе имаме механизми коишто ќе ни овозможат превенција на потенцијална злоупотреба на боледувањето. Не сакаме да направиме систем којшто е поостар, туку сакаме да направиме систем којшто е поправичен, изјави Перински на денешниот брифинг со новинарите.

​Една од клучните измени што ќе се бараат од Управниот одбор е намалување на деновите за боледување кои може да ги издаде матичниот лекар – од сегашните седум, на пет дена.

​Сметаме дека и пет дена во иднина ќе бидат доволни за дообезбедување на дополнителна анамнеза или за продолжување на боледувањето. Се олеснува постапката за издавање боледување за оние лица кои не се во можност да дојдат со физичко присуство да го обезбедат боледувањето. Во делот на контролата, воспоставуваме механизми за заедничка контрола со останатите чинители во рамки на системот, како Управата за јавни приходи, како Министерството за внатрешни работи, сè со цел да можеме посоодветно вработените во рамки на секторот контрола да ги извршуваат своите контроли – појасни Перински.

Фото: Фонд за здравствено осигурување

Перински објасни како би се одвивала контролата од ФЗО, односно дали контролор може да заѕвони на врата каде што осигуреник е на боледување и по кој критериум ќе се одредува контролата, по пријава на работодавач или по случаен избор.

Може и по случаен избор, но најголем дел од контролите коишто ги вршиме сега се по пријава на работодавач. Доколку контролорот не го најде лицето коешто е на боледување дома, во тој случај остава документ којшто го иницира истото лице да се јави на соодветната лекарска комисија и да образложи зошто не е дома или зошто не е во рамки на местото каде што би требало да го спроведува боледувањето. Секако, за тоа известени ќе бидат и работодавачите. Повторно ќе кажам, станува збор за сензитивна тема. Не е планот или поентата да се направат рестрикции за искористување на правото на боледување, туку апсолутно спротивно — таму каде што треба да се дава без никаков проблем, но онаму каде што има моменти на злоупотреба, да се превенира, изјави Перински.

​Директорот на ФЗО кажа дека Управниот одбор на Фондот следната недела има состанок, а по усвојување на измените на Управниот одбор, се обезбедува позитивно мислење и согласност од министерството за здравство и потоа веднаш се ефектуира.

Фондот подготвува и промена на правилото за рецептите издадени од дежурните служби при итен преглед.

Според постојното решение, ваквиот рецепт важи до 00:00 часот на денот кога е издаден, што во пракса создава проблем кога пациентот е прегледан во доцните вечерни часови. Предлогот е рецептот да важи 24 часа, со што пациентите ќе добијат реален временски простор да го подигнат препишаниот лек.

Пациент кој во 23 часот побарал итна медицинска помош не треба по излегувањето од амбуланта да води трка со часовникот за да го подигне лекот до полноќ. Правилото треба да му служи на пациентот, а не пациентот да се приспособува на правило кое во пракса не функционира, нагласи Перински.

На брифингот беа презентирани и актуелните податоци за биомедицински потпомогнато оплодување. Од вкупно 1.883 поднесени и разгледани барања за БПО, 237 се однесуваат на четврти, петти или шести обид – 216 за четврти, 17 за петти и четири за шести обид.

Фондот истовремено ја анализира можноста за поинакво структурирање на пакетите за БПО, со поголемо финансиско покривање во првите обиди и градациски модел за последователните обиди, без намалување на правото на шест обиди. Намерата е средствата да бидат поставени таму каде што можат да создадат најдобри услови за успешност на постапката, со помало повторено изложување на жената на терапија и медицински процедури. Моделот е во фаза на анализа и за него ќе бидат разгледани медицинските и финансиските аспекти пред донесување конечно решение.

Поврзани вести