
Министерот за спорт Борко Ристовски денеска потпиша договори со градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев и со градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, за реализација на проектите за изградба и реконструкција на спортска инфраструктура од потпрограмата на Владата за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа.
Во рамките на втора фаза од оваа потпрограма, Министерството за спорт ќе реализира 544 милиони денари за 29 инфраструктурни проекти во 17 општини низ целата држава.
Потпрограмата за капитални дотации на единиците на локалната самоуправа претставува значаен инструмент за поддршка на општините и нивното
институционално и инфраструктурно јакнење, во насока на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Во делот на спортот, подобрувањето на спортската инфраструктура значи основа за популаризација на спортот и за подигнување на македонскиот спорт на повисоко ниво.
Со реализацијата на овие проекти продолжуваме континуирано да работиме на изградба и реконструкција на спортската инфраструктуран низ целата држава. Со тоа одиме уште еден чекор напред во нашата заложба да го направиме спортот достапен за сите, во секој град и во секоја општина – рече министерот за спорт, Борко Ристовски.
Во рамките на првиот јавен повик, во делот на спортот и спортската инфраструктура преку Министерството за спорт беа доделени 220 милиони
денари за седум инфраструктурни проекти во шест општини од кои дел се веќе реализирани, а дел се во реализација.
Особено ме радува фактот што во локалната самоуправа се зголемува интересот за подобрување на спортската инфраструктура и условите за спортување за најмладите, но и за сите граѓани. Во првата фаза од оваа програма имавме седум проекти од шест општини, сега имаме четири пати повеќе – одобрени се 29 проекти во 17 општини. Како Влада, ја поддржуваме секоја општина која ги исполнила условите според јавниот повик, без разлика на политичката припадност на нејзиното раководство и остануваме доследни во тоа – истакна Ристовски.
Реализацијата на оваа програма е уште еден голем чекор во јакнење на локалната самоуправа со посебен акцент и на спортот како исклучително значаен дел од општественото живеење на кој оваа Влада во својата програма посветува особено внимание.