Skip to main content

Министерство за култура: Изработени се плати за 115 од вкупно 123 институции

Министерството за култура и туризам информира дека од вкупно 123 институции од областа на културата, изработени се платите на вработените од 74 национални и 49 локални.

Оттаму потенцираат дека не се точни обвинувањата на Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ) дека Министерството не ги изработило платите на локалните институции.

Министерството за култура и туризам веднаш ги пресметува платите онака како што се доставуваат од страна на општините и истиот ден ги носи на исплата во Министерството за финансии. Ве информираме дека Градот Скопје за установите што се под негова надлежност: Библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, Дом на културата „Кочо Рацин“, Зоолошка градина – Скопје, Детски културен центар – Карпош, Универзална сала, Младински културен центар – Скопје, Музеј на Град Скопје и Културно-информативен центар – Скопје, сѐ уште немаат доставено до Министерството за култура и туризам комплетна документација за пресметка на платите, се вели во соопштението на Министерството.

Како што потенцираат оттаму, веднаш штом ќе биде доставена комплетната документација за плати од страна на Градот Скопје, Министерството за култура и туризам ќе ја обработи и достави до Министерство за финансии за исплата.

Од овие причини реакцијата на СКРМ ја сметаме за тенденциозна и неаргументирано насочена кон Министерството за култура и туризам и кон министерот Зоран Љутков, се посочуват во соопштението.

Поради доцнење со исплатата на плата за март, Синдикатот на културата (СКРМ) на 22 април одржа протестен совет пред Министерството за култура. Претставниците на Синдикатот побараа достоинствени услови за работа, почитување на колективните договори, транспарентност и професионално управување со културните институции, стратегија за развој на културата, како и Закон за култура со учество на културните работници во нивно изготвување.

Поддршка на СКРМ и на културните работници дадоа и од Сојузот на синдикатите на Македонија.

За време на собраниската седница посветена на пратенички прашања, минатата недела министерот за култура и туризам, Зоран Љутков порача дека го решиле проблемот со исплата на платите и оти конечно е направена достојна и законска пресметка. 

Поврзани вести