
Јас сум среќен што Владата најде средства покрај двата јавни повици другите проекти да не замрат, туку се интензивираат и продолжуваат да се работат токму од програмите кои се во надлежност на Министерството за локална самоуправа и се имплементираат од страна на Бирото за рамномерен регионален развој, истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински при денешниот увид во градажните работи на реконструираната зграда на ТППЕ Радовиш и на проекти во општините Василево и Босилово.
Подвлече дека општините Радовиш, Босилово и Василево кумулативно од првиот и вториот јавен повик ќе добијат скоро 500 милиони денари за реализрање на проекти кои значително ќе го подобрат животот на граѓаните.
Во одговор на новинарско прашање дали Владата размислува да ги зголеми средствата за Центрите за развој на регионите, министерот Перински одговори дека Владата размилува како да им помогне не само на Центрите, туку и на локалните самоуправи.
Креиравме еден нов проект, кој го нарековме „Ресурсен центар“ и тој е препознаен од швајцарската амбасада како дополнителен донатор и од Делегацијата на ЕУ, а и Владата донираше средства во рамки на УНДП, кои ќе се имплементираат и ќе бидат финансиска поддршка на овој „Ресурсен центар“, кој ќе им биде на располагање на сите градоначалници во насока на надминување на сите предизвици со кои се соочува општинската администрација. Тоа е првиот аспект кој е многу битен, а вториот, можам слободно да го објавам, веќе од следната година ќе почнеме со ажурирање на базите на даночни обврзници. Централната влада ќе го финансира овој проект и во периодот кој што следува, фазно нормално, на сите градоначалници и на сите општини кои сакаат да учествуваат во оваа соработка ќе им се ажурираат базите на даночни обврзници со што ќе им се зголеми приходот од сопствени извори на финансирање, истакна Перински.
Според директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев, денешниот ден е промотивен за проектите кои се реализирани до средината на оваа година, односно за реализација на проектот „Енергетски ефикасен регион“, во кој биле опфатени три општини. Тој најави и нов проект за инсталирање на термална камера во соработка со Република Грција, а камерата ќе биде инсталирана на зградата на Општина Босилово и со неа ќе бидат покриени целосно Босилово и Василево, а Струмица со 85 отсто и една третина од територијата на Општина Радовиш.
За реализираните проекти говореа и градоначалниците на Радовиш, Босилово и Василево.
За градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, значајно е што зградата на пожарникарите се реконструира и се опремува прв пат по 90 години и со новите простории пожарникарите ќе имаат подобри услови за работа.
Министерот Перински ги посети ОУ „Гоце Делчев“ во Василево каде се поставени смарт табли и е асфалтирана улица во село Пиперово, а изврши увид на активностите на локалниот пат во селото Бориево во Општина Босилово.