Skip to main content

Министерката Јаневска и градоначалникот Митески им доделија таблет уреди на четвртоодделенците во Аеродром

Министгерство за образование и наука

Министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески денес во основното училиште „Љубен Лапе“ на учениците од четврто одделение им доделија таблет уреди. Петта година по ред локалната самоуправа го реализира овој проект со средства од општинскиот буџет, а се опфатени четвртоодделенците од сите основни училишта на нејзина територија.

На доделувањето на таблет уредите, министерката Јаневска изрази задоволство што иницијативата добива континуитет и според неа ваквите мерки треба да се воведат и во други општини, затоа што директно придонесуваат за создавање еднакви можности за секое дете.

Денес технологијата е составен дел од образованието и им овозможува на учениците полесно да учат, да истражуваат и да ги развиваат своите знаења и вештини. Затоа е важно секое дете да има еднаков пристап до овие можности. Важно е децата да се поврзани со интернет светот и бази на податоци, да можат да користат дигитални учебници и содржини со што ќе го збогатат своето знаење, а помалку време да поминуваат играјќи видео игри“, речe Јаневска, потенцирајќи дека инцијативата е особено значајна поддршка за семејствата со пониски приходи.

Нагласи дека и Владата во изминатите две години инвестираше во унапредување на дигиталното општество, а особено во дигитализација на образованието, обезбедувајќи компјутерска опрема, нови интерактивни табли и мрежна инфраструктура за безбеден безжичен интернет во над 160 училишта. Во функција е ставен и нов електронски дневник, а дигитализирани се сите постапки за остварување на образовните права.

Многу полесно и поедноставно е кога централната власт и општините работат во иста насока, во насока на дигитализација на образованието и затоа ваквите партнерства треба да продолжат. Заедничката цел мора да биде едноставна, секое дете, без разлика на семејните можности и местото на живеење, да има пристап до современо, квалитетно и дигитално образование. Така градиме подобри услови за учениците денес и подобра иднина за целото општество утре“, потенцираше Јаневска.

Во општина Аеродром годинава ќе бидат доделени 850 таблет уреди, во вредност од 5,3 милиони денари.

Поврзани вести