
Во тек се анкетите за кандидати за градоначалници од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Претседателот на Владата и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Свети Николе потврди дека почнале со внатрепартсиките процедури за избор на потенцијални кандидати за градоначалници. Тој истакна дека вчера го изгледал интервјуто на еден од националните медиуми на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Мислам дека ако навистина веруваат дека два и пол спрема еден ќе биде разликата ќе бидат непријатно изненадени за шест месеци, има општини каде што таа ќе биде многу поголема четири спрема еден таа разлика, една од тие Општини е и оваа, Свети Николе. Така што мислам дека тие што му ги потурнуваат тие анкети на претседателот на СДСМ не му мислам добро, изјави Мицкоски.
Неговиот совет до лидерот на СДСМ, Филипче е да ја погледне реалноста и како што рече овие шест месеци колку што преостануваат до локалните избори да се консолидира и реструктуира, како и да се сврти кон вистинските потреби кон граѓаните, а не кон конструирање на измислици.
И мислам дека прво што треба да направи за да се доближи до пропорцијата два и пол спрема еден е да излезе лично тој и да им се извини на граѓаните во името на СДСМ, за сето тоа што СДСМ го направи изминатите години, распродавајќи го идентитетот, крадејќи ги граѓаните, понижувајќи и засрамувајќи ја Македонија, а посебно на македонскиот народ да му побара прошка за сето она што му го направи изминатите седум години, за да се приближи до тие два и пол спрема еден, пропорција, рече Мицкоски.