Skip to main content

Мицкоски: Очекувам откако ќе им се изгласа интерпелација, членовите на Судски совет да бидат доблесни и сами да се повлечат

Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски изјави дека не е тајна дека граѓаните не се задоволни од начинот како функционира судско-обвинителскиот систем кај нас, одговорајќи на новинарското прашање во однос на најавата за постапка за интерпелација на членовите на Судскиот совет.

Во изминативе месеци, морам да признам, дека се запознавав детално со начинот на функционирање, начинот на избор, институционалната меморија и сето она коешто е поврзано со судско-обвинителскиот систем во државата. Јас кога нешто не знам се трудам да седнам и да го учам сето тоа. И нормално заедно со министерот, со сите луѓе кои што работат и во Министерството за правда, со заменикот, со државниот секретар, заедно со пратениците и пратеничките групи, анализираме и споделуваме искуства, бараме решенија итн. И не е тајна ако кажам дека граѓаните не се задоволни од начинот како функционира судско-обвинителскиот систем кај нас, дека тоа е едно мочуриште коешто изобилува со многу контроверзии и скандали“, изјави тој.

Премиерот Мицкоски смета дека можеме да избереме Судски совет, којшто објективно, без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште.

Ние не можеме да направиме целосно распуштање, ниту пак можеме за така кратко време да ги детектираме аномалиите. Но, можеме да избереме Судски совет, којшто објективно, без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто носат такви одлуки“, истакна тој и додаде:

„И цениме дека треба да се удри во чело. Да не се обидуваме да импровизираме, да правиме импланти итн. Ударот во чело подразбира дека сето она што е во ингеренции, на во случајот Парламентот, а тоа е изборот на оние членови на Судскиот совет, тамо каде што се бираат, таму и да се изгласа интерпелација. Точно е тоа дека и покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација, тие можат да останат и понатаму да бидат дел од Судскиот совет. Не велам дека е тоа неточно. Но, во услови кога тој што те избрал, ти гласа повторно недоверба и ти продолжуваш да водиш инает, тоа не е добро. И тогаш имаме и други механизми и други алатки.“

Претседателот на Владата Мицкоски изрази надеж дека доколку парламентарците изгласаат недоверба или интерпелација на членовите на Судскиот совет, дека тие истите ќе бидат доблесни и ќе се повлечат.

Поврзани вести