
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Делчево изјави дека фокусот на Владата е да се реализираат странски инвестиции на цела територија на државата посочувајќи дека се преговара со седум инвеститори и дека се нудат сите технолошко-развојни зони во државата. Најави наскоро договор со друга европска држава.
Во моментот имаме преговори со седум инвеститори и очекувам во периодот што следува тие инвестиции да ги објавуваме во јавност. Се уште не се избрани локациите за три од овие седум инвестиции, а дел од понудата што ја даваме до заинтересираните странски инвеститори се сите технолошко индустриско развојни зони, вклучително и таа во Делчево и таа во Кочани така што ние можеме да дадеме наши лични приоритети, но сепак конечниот збор го имаат инвеститорите – рече Мицкоски.
Во однос на патната инфраструктура и евентуално изградбата на нов експресен пат Делчево-Виница-Кочани, Мицкоски потенцираше дека во моментот се работи на три автопати.
Очекувам многу скоро да го заокружиме Влада со Влада, договорот со една друга европска држава во која ќе бидат опфатени сите локални, регионални и магистрални патишта, реконструкција на постојните и изградба на нови – рече Мицкоски.
Во делот на новиот повик на Агенцијата за вработување што треба да биде објавен наскоро, а предвидува поголеми мерки со поддршка за младите, премиерот подвлече дека овој повик имал законски усогласувања, кои се поминати или се во фаза на поминување во Парламент.