
Македонија пред повеќе од три децении го избра патот на мирот и стабилноста во период кога непосредно зад нејзините граници се водеа војни, порача претседателот на Владата во обраќањето на Генералната дебата на 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Премиерот потсети дека светот изгледал многу поинаку пред 33 години, кога Македонија станала дел од Обединетите нации. Студената војна била завршена и постоела надеж дека започнува нова ера во која соработката постепено ќе го замени судирот.
Македонскиот регион, меѓутоа, се соочувал со сосема поинаква реалност. Југославија се распаѓала во воени конфликти, војни се воделе непосредно зад македонските граници, а стравот дека насилството може да се прошири бил реален.
-А сепак, мојата земја го избра мирот. Ја избра стабилноста – истакна премиерот.
Токму во такви околности, потсети тој, на територијата на Македонија Обединетите нации направиле нешто што дотогаш никогаш не било направено – ја воспоставиле првата превентивна мировна мисија во историјата на Организацијата.
Искуството со превентивната мисија на ОН оставило длабока поука во националната меморија на земјата: меѓународната заедница не мора да чека насилството да започне за да реагира.
– Мирот не започнува кога војната ќе заврши. Мирот започнува кога политиката е доволно мудра да спречи војната воопшто да започне – порача претседателот на Владата.
Според него, можеби токму поради таквите историски искуства малите држави поинаку гледаат на меѓународната политика и на значењето на правилата.
Големите сили имаат простор за стратешки пресврти што малите земји едноставно го немаат. За голема сила погрешната геополитичка проценка може да значи промена на стратегијата, но за мала држава истата грешка може да значи изгубена деценија.
Затоа малите држави не можат да си дозволат да бидат рамнодушни кон правилата, ниту да веруваат дека правилата ќе се одбранат сами.
Светот што се обликува е свет на поостра конкуренција и прераспределба на моќта. Односите меѓу големите сили сè повеќе ги одредуваат трговијата, технологијата, енергетиката, критичните суровини, транспортните правци и дигиталната инфраструктура.
Она што до вчера се сметаше само за економска меѓузависност, денес сè повеќе се третира и како прашање на националната безбедност. Глобализацијата не исчезнува, туку се преобликува, се менуваат синџирите на снабдување, а производството повторно станува геополитичко прашање.
Државите, како што рече премиерот, повеќе не прашуваат само каде нешто може да се произведе најевтино, туку и кому може да му се верува. Не прашуваат само од каде доаѓа енергијата, туку и дали таа ќе биде достапна кога ќе настапи криза. Не е важно само кој ќе ја развива следната генерација технологии, туку и кој ќе ги поставува правилата според кои тие ќе функционираат.
Во таков свет, предупреди премиерот, правилата се особено важни за малите земји, бидејќи алтернативата на меѓународниот поредок заснован врз правила е систем во кој одлуките зависат од тоа кој во даден момент располага со поголема моќ.
Тој нагласи дека разочарувањето од несовршеностите на меѓународниот поредок не смее да ги одведе државите кон нешто многу полошо – свет во кој воопшто нема поредок.
Премиерот повторно се наврати на искуството на Македонија со првата превентивна мисија на ОН, оценувајќи дека и на денешниот свет му е потребна истата политичка мудрост.
– Пред околу три децении, Обединетите нации дојдоа во нашата земја со нова идеја: дека меѓународната заедница не мора да чека насилството да започне пред да дејствува. Денес повторно ни е потребна истата политичка мудрост – истакна тој.
Пораката од македонското искуство, според премиерот, е дека превенцијата, дијалогот и навременото политичко дејствување не се знак на слабост. Тие се начин да се спречат конфликти пред нивната цена да ја платат граѓаните и идните генерации.

Македонски


