
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за „Тема на денот“ во Дневникот на Сител телевизија говорејќи за Изборниот законик истакна дека СДСМ и Левица се борат против Изборниот законик и против гласањето на дијаспората, затоа што се свесни дека ќе загубат на изборите.
„Суштината е да обезбедиме поголема излезност на дијаспората, поголема комуникација меѓу татковината и дијаспората, затоа што целта ни е да ги вратиме тие луѓе, ова ќе им биде еден мост, едно чувство дека тие учествуваат во политиките во сопствената држава, во татковината од која поради икс причини заминале. Сега некој се одлучи да прави филибастеринг и да не го дозволи правото на дијаспората да се чувствува како да е дома. Не слушнав ниту еден аргумент како ќе се направи тој изборен грабеж“, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека СДСМ немаат аргументи и не кажуваат како би се случил изборен грабеж, но тоа што кажуваат е дека се свесни дека ќе бидат опозиција во 2029 година.
„Тие однапред признаваат од денешна оптика дека тогаш ќе бидат опозиција. Тој губитнички менталитет не го разбирам, но тие го имаат тој губитнички менталитет. Наше е како власт, како што беа локалните избори, ако ги гледате ние имавме скандинавски локални избори. По бројот на приговорите на избирачкиот процес вие ќе видите дека ние имавме апсолутно скандинавски локални избори во кои помина и кампањата и самиот процес во прв и втор круг на гласање навистина мирно. Суштината е дека со поголема излезност на дијаспората ние имаме национално чувство поголемо кај нив, второ политички аргумент и економски“, вели премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека власта е отворена уште денес, утре да се седне и разговара за разговараме за сите модалитети кои ќе овозможат да се зголеми излезноста на гласање кај дијаспората.
„Еве јас кажувам јавно, дајте да најдеме начин како да го зголемиме гласањето на дијаспората. Не е важно дали тоа ќе биде електронско или со писма, дајте да најдеме начин, да најдеме пракса во светот, како и успеале на тие луѓе да им овозможиме правото на гласање да го остварат на поедноставен начин. Бидејќи сега конкретно го давам примерот со австралискиот континент, вие треба да патувате и по 10 часа за да го остварите своето право и да се вратите назад. За да ја зголемиме излезноста кај дијаспората ние сме подготвени повторно да седнеме и да преговараме“, вели премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски посочи дека важно е да имаме Изборен законик кој ќе ги вклучи и содржи во себе препораките на ОБСЕ и ОДИХР и кој ќе обезбеди поголема излезност за време на изборите од претседателските во 2029 година, па натаму.

Македонски


