
Премиерот Христијан Мицкоски во емисија на МРТВ одговори на барањата на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за итно намалување на функционерските плати, оценувајќи ги како политикантство кое веќе еднаш паднало пред Уставниот суд. Наместо инстант решенија кои би биле поништени, премиерот ја презентираше стратегијата на Владата за постепено и законско враќање на платите на избраните и именуваните лица на претходното ниво.
Мицкоски потсети дека секој обид за ваков тип интервенција во минатото бил прогласен за противуставен од страна на Уставниот суд, објави 4news.mk Според него, предлогот на ССМ е полн со политикантство и најмалку ги штити интересите на самите работници.
„Ова што се предлага е неуставно и веќе е докажано во минатото. Нашата стратегија е единствениот уставен пат – преку законски измени на коефициентите да го спречиме натамошниот раст на платите и постепено да ги вратиме на нивото пред одлуката за зголемување од 78%“, изјави Мицкоски.
Планот на Владата е до крајот на мандатот во 2028 година, преку систематско намалување на бодовите и коефициентите, да се дојде до изедначување на примањата со состојбата која постоеше пред контроверзната одлука на Уставниот суд донесена за време на претходната власт.
„Целта е на законит и уставен начин да ја исправиме таа одлука за зголемување од 78%, која беше донесена во времето на претходната влада. Сакаме решение кое ќе опстане и кое нема повторно да биде поништено од судовите“, дециден е премиерот.

Македонски



