Skip to main content

МЕП Муртезани: Политиката за кохезија е носечки столб на европската интеграција и двигател на промените

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска учествуваше на завршната конференција на проектот „Поддршка од ЕУ за спроведувањето на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион во Република Македонија“, во организација на Министерството за европски прашања на Македонија.

Во воведно обраќање на темата „Зајакната територијална соработка како пат кон одржлив регионален развој во Јадранско-јонскиот макро-регион“, Министерот нагласи дека соработката претставува срж и суштина на солидарноста, на промовирањето на заедничкото разбирање и несомнено на одржливиот регионален развој. „Во основата на самиот европски проект лежи заложбата за унапредување на соработката, градењето на мостови и рушење на бариерите кои ги создаваат границите. Тоа истовремено е и основната задача на политиката за кохезија, како носечки столб на европската интеграција и како двигател на промените, што е особено релевантно за различните форми на прекугранична соработка, каде европските вредности се признаваат и се применуваат заедно со сите чинители на национално, регионално и локално ниво во Европската Унија, но и пошироко.“ – рече Муртезани.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на МЕП Муртезани:

Почитувани присутни, ценети панелисти и учесници,

Денес имам особена чест да се обратам на конференцијата што го слави духот на соработката и ја истакнува важноста на Јадранско-јонската стратегија во креирањето заедничка иднина за нашиот регион. Оваа иницијатива е пример за тоа како заедничките напори можат да ги трансформираат предизвиците во можности и да создадат нови перспективи за нашите општества.

Соработката претставува срж и суштина на солидарноста, на промовирањето на заедничкото разбирање и несомнено на одржливиот регионален развој. Во основата на самиот европски проект лежи заложбата за унапредување на соработката, градењето на мостови и рушење на бариерите кои ги создаваат границите. Тоа истовремено е и основната задача на политиката за кохезија, како носечки столб на европската интеграција и како двигател на промените, што е особено релевантно за различните форми на прекугранична соработка, каде европските вредности се признаваат и се применуваат заедно со сите чинители на национално, регионално и локално ниво во Европската Унија, но и пошироко.

Бројни се заеднички иницијативи кои ги следат внатрешните и надворешните граници на Унијата, заедно со земјите-кандидати и партнерите од соседството, меѓу кои, но не исклучиво свое место заземаат програмите за преку-гранична соработка, транснационалните и меѓурегионалните програми, како и макро-регионалните стратегии. Нивното воспоставување и постојано унапредување и надградување е јасен показател дека територијалната соработка е сериозна движечка сила во смисла на економска, социјална и територијална кохезија.

Конференцијата „Зајакната територијална соработка како пат кон одржлив регионален развој во Јадранско-јонскиот макро-регион“ се одржува во навистина клучен момент, во период во кој што дискусиите за иднината на територијалната соработка за периодот по 2027 година се во полн ек.

Консултациите кои сè уште траат, во голема мера се базираат на прашањата што ќе ги обработат ценетите панелисти денес. Нивното богато професионално и лично искуство, како и поврзаноста со различните аспекти на територијалната соработка, се гаранција за плодна дискусија. Искрено им се заблагодарувам за нивниот придонес, уверен дека ќе ги збогати нашето разбирање и перцепција за територијалната соработка и ќе поттикне интерес за програмите за територијална соработка, Јадранско-јонската стратегија и кохезиската политика на ЕУ во контекст на проширувањето.

Денешната конференција е дел од проектот „Поддршка од ЕУ за спроведување на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион во Македонија“, финансиран од Европската комисија и спроведуван од Министерството за европски прашања. Организирани се осум регионални и три тематски настани со околу 400 учесници, со цел промоција на макро-регионалните стратегии. Сепак, тие сè уште се недоволно познати, што го ограничува подобрувањето на синергијата со територијалните програми и националниот пакет на ЕУ.

Макро-регионалните стратегии немаат свои извори на средства, па затоа нивното вклучување во идните финансиски инструменти на ЕУ е од клучна важност. Во тој контекст, Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на ЕУ, игра стратешка улога. Ревидираниот Акциски план на Стратегијата создава предуслови за подобра интеграција во територијалната соработка, додека нашето претстојно претседавање со Стратегијата ќе даде нов импулс за нејзино промовирање.

Програмите за територијална соработка, присутни веќе 15 години, нудат уникатни можности за справување со заеднички предизвици и градење капацитети на сите нивоа. Но, неопходен е дополнителен ангажман за усогласување на законодавството, изработка на национални стратегии и зајакнување на капацитетите, особено на локално ниво, за да се искористат целосно придобивките од кохезиската политика на ЕУ. Само така ќе го постигнеме целиот потенцијал на нашата земја и ќе обезбедиме подобар животен стандард и просперитет.

Сосема за крај, би сакал да се заблагодарам на тимот од Министерството за европски прашања кој работеше на организација на овој настан, како и на Европската комисија која со својата поддршка ја овозможи неговата реализација.

Поврзани вести