Skip to main content

Костадиновски: Секој да ја исполни обврската кон илинденците и да не згасне борбата за просперитетна, прогресивна и правна држава

Фото: Уставен суд

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски упати честитка по повод 2 Август – Денота на Републиката, Илинден.

-Денес, 122 години од Илинденското востание и 81 година од Првото заседание на АСНОМ, со воодушевеност си припомнуваме за епохалните победи и незаборавените жртви на нашите илинденци, на создателите на нашата Република, пишува во честитката од претседателот на Уставниот суд Костадиновски

Илинден, се додава, е вечна инспирација за современа и праведна држава, симбол на визионерство и непокор, но и потсетник за должноста којашто ја имаме кон нашите предци и иднината којашто им ја должиме на нашите деца.

-Чекориме во слободна држава, во земја која ги слави и возвишува идеалите на патриотизмот преку слободно и достоинствено живеење. Чин на највисок патриотизам денес претставува вистинската посветеност на владеењето на правото и градењето на правната држава. Тоа е нашето современо илинденско наследство. Да продолжиме со истиот жар и стремеж за правда, секој од нас да ја исполни обврската кон илинденците и никогаш да не згасне борбата за просперитетна, прогресивна, но пред сè правна држава! Нека ни е честит Денот на Републиката! Честит Илинден!, стои во честитката од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски. 

Поврзани вести