Skip to main content

Костадинов за поразот во Струмица: Тешка брука и срам

По 20 години, во општината која беше пример и бисер за прогрес, СДСМ ќе биде опозиција. Уште еднаш сакам да честитам на резултатот и за градоначалничкиот мандат, и за мнозинството во Советот на Општината, напиша актуелниот градоначалник на Струмица Костадин Костадинов во својата објава на својот фејсбук профил.

Тоа е гласот на струмичанки и струмичани, избор што произлегува од политичката понуда создадена од одлуките на раководството на СДСМ. Од резултатите на Државната изборна комисија е јасно дека изборното цунами се разлеа низ речиси сите општини во државата. Ова не е обичен пораз, туку тешка брука и срам политички, но и морален. Состојбата во која е запален црвен аларм не е доволен сигнал за раководството на, до вчера, најголемата опозициска партија. Ова е сигнал за политичко заминување на поголем број членови од раководството, порача Костадинов.

Додава дека сега СДСМ е четврта политичка сила! СДСМ не влезе во втор круг во Скопје!

Тука станува збор за политичка одговорност и политички срам. Недозволиво е самоволието да продолжи да владее и со тоа секој еден член на СДСМ да биде понижен. Немојте да зборувате дека сте среќни со резултатот. Поголем пораз од ова нема, вели Костадинов.

Смета дека на партијата ѝ е потребна суштинска консолидација.

Час поскоро, секој кој носел одлуки треба да се погледне во огледало и да признае дека не го бива. И да си оди. Тоа е доблест, чекор со кој ќе се овозможи вистинските луѓе да се интегрираат во партијата и искрено да почнат со работа. Веднаш, уште денес. Mора да се седне на маса. За консолидација, но суштинска, а не декларативна на прес конференции. Вистинска, лице в лице. Повикувам, со ладни глави, кон реформа, реконструкција, ремонт и ребрендирање, кои можат да ја излечат СДСМ, заклучува Костадинов.

Поврзани вести