
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска соопшти дека досега е извршена обдукција на околу 15 лица кои настрадаа во дискотеката во Кочани.
Увидот уште се врши, рече Тошковски, а 45 лица се во критична состојба и се транспортираат во странство.
Приведени се пет лица на територијата на СВР Скопје и СВР Тетово, меѓу кои и поранешен министер, како и 11 лица на подрачјето на СВР Штип кои се во краткотраен притвор од 48 часа.
Според министерот Тошковски, пиротехничките средства кои беа причина за пожарот, ги донел бендот ДНК. Лицето што било задолжено за употреба на пиротехничките средства, за жал, го загубило животот во несреќата.
По завршувањето на увидот, ќе биде подготвен извештај за Обвинителството, кој ќе ги утврди деталите и ќе се процени дали пиротехниката требала да поседува сертификат за употреба, како што е пропишано со закон.
Тошковски истакна дека дискотеката била сместена во објект кој е наменет за лесна индустрија, а не за угостителство, што ја прави неадекватна за ваков тип на настани. Покрај тоа, се дознава дека во целиот клуб имало само два противпожарни апарати, што дополнително ги зголемува ризиците.
Концертот на бендот ДНК бил организиран без формален договор со оддржувачите на клубот, што дополнително ја става под прашање безбедноста на настанот. МВР не било информирано за овој настан, а според законот, организаторите имале обврска да ги обезбедат сите потребни услови за безбедно одржување на такви настани.
Во диското имало 500 лица а продадени биле 250 билети.
Вчера бил извршен разговор со градоначалникот на Кочани и ако се утврди дека сторил нешто незаконско, ќе сноси одговорност. Министерот најави дека и денеска ќе бидат приведени голем број лица од различни институции, меѓу кои и МВР.