
Ништо не значи тоа кога протестираме против „систем“. Или против било каков „колектив“. Ништо не значи кога бараме „колективна одговорност“, така само ја криеме индивидуалната одговорност, така ги криеме виновниците за трагедијата и за состојбите. Кога земаме камен в рака за да истераме „правда“, всушност, правиме најголема неправда. Протестот без јасна цел и без јасна артикулација води во хаос, пишува Бранко Героски во својата најнова колумна објавена на „Плусинфо“.
Македонија е мала земја, ама со големо срце. Народот во оваа земја е добар, емпатичен, кроток. Има еден збор кој ги опишува овие особини заедно – убав. Да, ние сме убав народ. Сите го велат тоа.
Но, кога е потребно – а во овие години на мачна и сè уште незавршена транзиција од претполитичко во демократско општество, навистина тоа често беше потребно – тој ист убав народ знае да го крене гласот, да се бунтува и громко да бара промени.
Сведок сум на сите тие настани цели четири децении. Можам слободно да кажам дека во моментите на големи тензии и превирања, кога народот на улица бараше мир, ама и војна, правда, но и смрт за некого, во тие клучни моменти кај убавите луѓе во мојата земја сепак се будеа разумот и свеста дека улицата не смее да не одведе во бездна и така да го запре макотрпниот процес на изградба на едно цивилизирано, праведно, демократско и организирано општество.
Да не бидеме водени од злонамерници и недоветници
Вознемиреноста, гневот и огоречноста поради трагедијата што се случи во дискотеката на смртта во Кочани се чувства што ги споделуваме сите. Тие поттикнуваат на акција, на протест. Та не би биле луѓе да не е така. Но, не би биле ни тоа што сме, одговорни и стамени луѓе, ако дозволиме нашиот револт да биде изманипулиран од злонамерници или недоветници, кои сакаат правдата да ја земат во свои раце, кои поттикнуваат линч и хаос и кои имаат скриени политички агенди.
Од сопственото искуство знаеме дека уличната „правда“ е неправда. Ширењето дифузен гнев и неартикулирана негативна енергија води само кон блокада на институциите, од чии перформанси ионака не сме задоволни и во „мирнодопски“ услови. Во овие три ипол децении имавме такви ситуации, на кои не сме горди. Се сеќаваме на моментите кога некои луѓе, во име на некое свое разбирање на правдата и на оправданоста на револтот, правеа многу грозни нешта за кои немаше оправдување – демолираа дуќани и цели улици, линчуваа луѓе, палеа цркви и џамии …
Да да, треба да сме свесни дека и тие тажни и срамни моменти се дел од историјата на овој убав народ.
Не постои „колективна одговорност“, тоа е замајување!
Овој пат не смее да ни се случи такво нешто. Не смееме нашите емоции да бидат изманипулирани од луѓе кои сакаат да ни кажат дека сега е време да се бара некаква „колективна одговорност“, да се казнат „сите“ и дека само така секој еден немало да биде следен.
Не, не и не!
Токму обратното е – ако дозволиме улицата да создава свои „закони“ и да дели „правда“ по некои свои мерила, обеснажувајќи ги така кревките институции, тогаш е речиси сигурно дека во една таква хаотична ситуација секој еден навистина може да биде следен – следна жртва на манипулаторите.
Институциите мора да добијат шанса
Четири клучни факти укажуваат дека народот овој пат мора да им даде шанса на институциите.
Прво, здравствениот систем – таков каков што е, тромав, можеби и корумпиран и во секој случај несовршен – успеа од себе да го извлече најдоброто и на унесреќените да им пружи итна и квалитетна медицинска помош, во здравствените институции во земјата, но и во странство.
Второ, органите на кривичниот прогон поведоа масивна операција за утврдување на кривичната одговорност на сите лица инволвирани во случајот. Таа акција опфаќа повеќе од 20 лица и засега се води строго по правилата на игра, одговорно а не одмазднички, точно така како што треба да биде во едно општество во кое граѓаните би требало да имаат многу поголема доверба во правосудството од сегашните 2 отсто.
Трето, постои јасно изразена политичка волја да се спроведе жестока акција за инспектирање на сите локали во земјава и конечно да се воведе ред и поредок. Таа акција заслужува јавна поддршка.
И четврто, имам впечаток дека постои некакво премолчано разбирање меѓу владејачките партии и опозицискиот СДСМ да се избегнуваат погубните политички манипулации, кои можат да доведат само до хаотична состојба. Тоа меѓусебно разбирање, за кое се надевам дека навистина постои и дека ќе потрае, е многу важно за враќање на мирот и на спокојството во земјата.
И ние сме дел од системот што не ни чини
Па сепак, наспроти сè, сите сме со чувството дека нешто недостасува, дека секој од нас треба да направи уште нешто.
И јас го имам тоа чувство, се разбира, не само како родител на дете на онаа возраст за која велиме дека е „критична“ и изложена на вакви предизвици, туку и како новинар кој има одговорност кон своите читатели.
Од каде тоа чувство?
Еден од нашите понови колумнисти (Методија Анѓелкоски) тоа убаво го објасни во својата колумна со наслов „Кога гневот не е доволен“. Ние сме сепак добри, одговорни, стамени луѓе и чувствуваме дека одмаздата не е правда и не може да биде никаква утеха за ненадоместливите загуби. Системот се состои од закони, од правила, од институции, но ништо од сето тоа не постои без нас, без секој од нас поединечно. Затоа, чувството на вина кај секој од нас ги надвладува чувството на огорченост и потребата да се излезе на улица и да се дели улична „правда“.
Да повторам, не постои таква правда. Таквата правда е – неправда.
Не постои „колективна одговорност“. Тоа беше измислица на поранешниот систем, во кој живеевме со децении. Одговорноста секогаш е индивидуална, таа секогаш има име и презиме.
Секој протест против „системот“ како апстрактен ентитет е манипулација и ширење дифузен страв и гнев меѓу луѓето.
Како да се биде подобар и похрабар
Во овие мигови на голема тага и вознемиреност, навистина секој треба да се сврти кон самиот себе. И да собере храброст да биде подобар и похрабар член на ова општество.
Читам, многу добри и доблесни луѓе веќе го демонстрираат тоа. Нудат секаква помош за унесреќените. Нудат утеха. Нудат почит за жртвите, добра мисла и апели за сплотување. Има многу такви луѓе и во Македонија, но и во соседството. И тие живеат во овој лош „систем“, огорчени и разочќарани. Но, наоѓаат во себе сила да демонстрираат општественост. Искрено им се восхитувам.
Мојот апел до вас, почитувани читатели, е да ги поттикнеме институциите на системот да се ангажираат уште повеќе, да им пружат на унесреќените помош и поддршка, да спроведат енергична и сеопфатна истрага за да ги откријат сите виновници, но и веднаш да воведат ред и поредок таму каде што со години и со децении владеел хаос.
Знам дека ќе речете дека тоа не е лесно. И не е. Знам дека вашата, како и моја доверба во институциите, е прилично истрошена. Но, јас не гледам друг начин освен да им дадеме шанса овој пат да се надраснат себеси, во процес што ќе се одвива под будното око на јавноста и на секој од нас поединечно.
Кога земаме камен в рака, правиме најголема неправда
За актуелната власт ова е пресуден тест на интегритетот, на решителноста во борбата против криминалот и на политичката волја за обнова на институциите. На тој тест може да се положи или да се падне, трето нема. Но, на власта, која го презеде кормилото на државата со огромно мнозинство гласови на избирачите пред само осум месеци, мора да ѝ се даде шанса да го полага тој тест.
И ако утре, не дај боже, се покаже дека народот повторно мора да дојде „по своето“, ќе протестираме. Улиците никаде нема да ни избегаат. Протестот е легитимно демократско право на граѓаните.
Но, да се разбереме добро – ништо не значи тоа кога протестираме против „систем“. Или против каков било „колектив“. Ништо не значи кога бараме „колективна одговорност“, така само ја криеме индивидуалната одговорност, така ги криеме виновниците за трагедијата и за состојбите. Кога земаме камен в рака за да истераме „правда“, всушност, правиме најголема неправда.
Кога протестираме без јасна цел и без јасна артикулација, влегуваме во канџите на злобници и некадарници и тогаш секој од нас навистина може да биде следен – следна жртва на политичките манипулатори.