Skip to main content

Каја Калас в петок на средба со премиерот Мицкоски во Скопје

МИА архива

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика денеска заминува на турнеја низ Западниот Балкан, во чии рамки в петок ќе престојува во Скопје, јави дописникот на МИА од Брисел.

Дополнително, Калас и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски ќе го отворат првиот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија, што следи по склучувањето на билатералниот Договор за безбедносното и одбранбеното партнерство во ноември минатата година.

Предвидено е и Калас во придружба на министерот за одбрана Владо Мисајловски да ја посети постојаната Балканската медицинска работна група.

Пред да допатува во Скопје, Калас ќе престојува во Белград, каде утре ќе има средби со српскиот претседател Александар Вучиќ, со премиерот Ѓуро Мацут, со министрите за надворешни работи и за европски интеграции Марко Ѓуриќ и Немања Старовиќ, со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, како и со претставници на опозициските пратенички групи. Покрај ова, Калас ќе се сретне и со претставници на студентите и на граѓански организации.

Од Белград, утре попладне Калас ќе замине за Приштина, каде ќе се сретне со претставници на косовските политички партии и граѓански организации, ќе ја посети Мисијата на Европската Унија за владеење на правото во Косово – ЕУЛЕКС и ќе има средба и со командантот на КФОР, Енрико Бардуани.

Ова е втора посета на Калас на регионот по нејзиното преземање на должноста, откако претходно од 7 до 9 април престојуваше во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

Целта на посетите е да се покаже посветеноста на ЕУ на Западниот Балкан и поддршката на перспективите на земјите од регионот за членство во Унијата, но и за зајакнување на нивните напори за целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на блокот.

Поврзани вести