
Многупати сум го кажала мојот личен став дека уште од градинка и од прво одделение децата треба да бидат во мултиетнични паралелки. Но, процесот не е лесен, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната прес конференција на која информираше за резултатите од Конкурсот за доделување на грантови за училишни активности насочени кон поддршка на меѓуетничката интеграција, толеранција и мултикултурализмот, што ќе се реализираат во учебната 2024 – 2025 година.
Едносменската работа ќе обезбеди она што порано го имавме во една смена да бидат паралелките од различни етнички заедници. Поради случувањата во минатото и поради агресивното однесување на дел од учениците, пристапиивме кон подвојување. Но, сега е дојдено време кога треба да се вратиме на она што е нормално, а нормално е да бидат и да живеат заедно и да се разбираат. Да се познаваат, да се препознаваат како различности, но да се почитуваат како еднакви. Затоа правиме вакви напори. Јас се надевам дека овие чекори што ги правиме, особено со зголемување на средствата, кои они ќе ги имаат со следниот конкурс, ќе можат попрактивно, ќе имаат повеќе можности да ги спроведуваат овие активности. Навистина сум среќна што кажуваат дека се задоволни. Имало и неуспешни проекти и за тоа продискутиравме. Искрено се надевам дека во иднина ќе се вратиме во нормала и сите деца ќе бидат според реонот, или според близината на градинката или училиштата заедно во една единствена група или паралелка. Според мене лично, тоа треба да се цел на општеството и тоа колку побрзо се спроведе, толку подобро ќе биде за сите нас, изјави министерката Јаневска.
Во буџетот за 2025 година значително е зголемена финансиската поддршка за училиштата за реализација на активности насочени кон развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција.
Ако досега грантовите беа во висина од 30 илјади денари, со следниот конкурс ќе изнесуваат по речиси 90 илјади денари, односно ќе исплаќаме по две просечни нето плати. Тоа го уредивме со измени на Законот за основното образование, а ќе биде регулирано и во новиот Закон за средно образование кој наскоро ќе се најде во Собранието, изјави Јаневска.
Министерството објави повик за пријавување на предлог активности во октомври минатата година, а комисија формирана за рангирање и избор, одлучи да бидат доделени вкупно 79 грантови во поединечна вредност од 30 илјади денари, со кои 130 основни и средни училишта ќе ги поврзуваат учениците од различни етнички, културни и религиозни заедници, ќе ги насочуваат кон меѓусебна почит и разбирање и ќе градат хармонична училишна средина.
Важно е секој да биде прифатен и ценет во училишната заедница, а со тоа и да се чувствува безбедно. Младите треба да знаат дека разликите по било кој основ, не се бариери, туку напротив, мотив за зближување, за развивање емпатија и градење силно општество. Тоа е и мојата порака до нив“, нагласи министерката.
Јаневска рече дека поддршката од околу 2,4 милиони денари не била доволна, но имајќи го предвид законското решение кое било на сила во моментот на објавување на конкурсот, постоела можност за обезбедување дополнителни средства.
Во присуство на раководствата на дел од училиштата кои добија грантови, симболично беше упатена порака дека единството, толеранцијата и разбирањето можат да изградат квалитетни и силни генерации млади кои во иднина, сплотено ќе ја водат државата напред.