
Според најновите податоци на Државната изборна комисија (ДИК), вкупната излезност до 11:00 часот изнесува 9,21%, со обработени 99,85% од избирачките места.
Во споредба со првичните податоци од 09:00 часот, излезноста е зголемена, но и понатаму останува умерена, со значителни разлики меѓу регионите.

Највисока излезност има во Пробиштип (22%), по што следат Лозово (20.87%), Демир Капија и Крушево (по 19.92%), Ранковце (18.29%) и Дојран (17.43%).
Во групата на општини со најниска излезност се Сарај (1.86%), Чаир (2.67%), Шуто Оризари (5.93%), Куманово (6.42%) и Дебар (6.69%).
Рангираната графика ја прикажува состојбата во реално време, со топ 10 општини со највисока излезност (во жолта боја) и 10-те со најниска излезност (во сива боја).
Источните и југоисточните општини, како и помалите градови, и натаму го предводат списокот со највисока активност, додека поголемите урбани средини, особено Скопје, Куманово и Тетово, бележат послаб одзив на гласачите во првиот дел од денот.
Излезност во скопските општини до 11:00 часот
Во главниот град излезноста до 11:00 часот останува под државниот просек и изнесува околу 8% во просек по општини.
Највисока излезност има во Кисела Вода (10.25%), Центар (10.24%), Карпош (11.9%) и Аеродром (9.36%), додека најниска излезност бележат Чаир (2.67%) и Сарај (1.86%).

Во средината се наоѓаат Ѓорче Петров (8.03%), Гази Баба (7.62%) и Бутел (7.34%), со сличен тренд на умерен раст во споредба со првите часови од изборниот ден.
Иако утринските бројки покажуваат послаб одзив на гласачите во Скопје, очекувањата се дека излезноста ќе се зголеми во попладневните часови, особено поради традиционално повисоката активност по завршување на работното време и враќањето на гласачите од патување.

Македонски







