
Во моментот нема предмет, но според мои сознанија и информации со кои располагам, јавното обвинителство отвори предмет по допрен глас и колку што знам, се постапува, одговори Слободан Ивановски, директор на Финансиската полиција, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма на прашањето дали во институцијата со која раководи има предмет за мито против поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети.
„Ние, како правосудна полиција, ве уверувам дека сме спремни да работиме доколку стигне наредба за тој предмет“, рече Ивановски.
За наоѓање на директна или индиректна поврзаност на Груби со предметот на Лотарија, Ивановски одговори:
„Тој дел од предметот го работеше министерството за внатрешни работи, Одделението за организиран криминал, ние го работевме предметот во врска со ВЛТ апаратите. И во тој дел, ние поднесовме кривична пријава, во другиот дел работеше МВР и не би можел да кажам какви сознанија имаат“.