
ОЈО ГОКК денеска потврди дека отворило истрага заради сомнежи за шпиунажа во Кабинетот на претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова
ОЈО ГОКК, по добиено известување на 18.12.2025 година од Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал, кое се однесува на настан од 24.11.2025 година и постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес, истиот ден отвори предистражна постапка и веднаш ги презеде сите неопходни мерки и активности согласно своите законски надлежности, наведуваат од ова Обвинителство.
Во рамки на постапката, се додава, до Основниот кривичен суд беше доставено Барање за издавање наредба за пребарување на компјутерски систем, со цел утврдување на содржините што евентуално биле неовластено преснимени од информативниот систем во Кабинетот на Претседателката. Истовремено, беа издадени и наредби за екстракција на податоци од персонални и лаптоп компјутери доставени до МВР од Кабинетот на Претседателката.
Дополнително, до Кабинетот на Претседателката беше упатено барање за доставување копии од видео записите од безбедносните камери поврзани со пријавениот настан, за периодот во кој истиот се случил.
На 30.12.2025 година, до МВР – Сектор за компјутерски криминал, како надлежен орган за откривање кривични дела и обезбедување докази, се наведува понатаму, беше доставена наредба за анализа на екстрахираниот доказен материјал.
На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека Кабинетот на Претседателката не располага со копии од видео надзорот, бидејќи опремата е набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видео записи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР. И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видео надзорот, посочуваат од ОЈО ГОКК.
На 16.03.2026 година, се појаснува, МВР доставило известување за дел од преземените активности кои се однесуваат на обезбедување пристап до криптираните податоци од дотогаш екстрахираната компјутерска опрема. Воедно, до ОЈО ГОКК биле доставени и два мобилни телефони одземени од пријавениот, со барање за нивна екстракција во Истражниот центар на ОЈО ГОКК, по што веднаш бола издадена соодветна наредба за постапување.
Потоа, на 25.03.2026 година, имајќи ја предвид сериозноста и чувствителноста на предметот, јавниот обвинител до МВР – Сектор за компјутерски криминал доставил наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците екстрахирани од компјутерската опрема обработена во Истражниот центар на ОЈО ГОКК. Дополнително, била побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на Кабинетот на Претседателката, со задолжение до обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази.
До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази, наведуваат од Обвинителството за организиран криминал.

Македонски


