Skip to main content

IN MEMORIAM: Георги Канзуров (1939-2025)

Прогонство што трае...

На 9 јануари 2025 година, во Скопје, Р. Македонија, по кусо боледување, на 86 години, почина Георги Канзуров, еден од поистакнатите борци за човековите права на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Георги Канзуров е роден на 14 септември 1939 година во село Сетина, Леринско, Егејскиот дел на Македонија. Во текот Граѓанска војна во Грција 1946-1949 година, на 8-годишна возраст, во 1948 година, во гужвата на железничката станица ја губи мајка му и во вагоните за источно-европските земји заминува за Чехословачка. Оттаму во 1955 година заминува во Русија, за заедно со татко му во 1956 година да се вратат во Македонија. Во Скопје, семејството се обединува со мајка му и сестра му, кои после палењето на нивното родно село Сетина во 1949 година бегаат во Македонија каде остануваат во Скопје, во населбата Мичурин. Во главниот град на Р Македонија го формира своето семејство, каде го поминал и остатокот од својот живот.

Канзуров основно образование завршил во Чехословачка, средно образование 1954-1958 година завршил во гимназијата „Цветан Димов” во Скопје, а дипломирал на Земјоделскиот факултет насока овоштарство и лозарство во 1963 година. Работел во фабриката “Конзерва-експорт” во Скопје, а од 1973 година до пензионирањето во 2001 година е државен пазарен инспектор.

Георги Канзуров бил и активен спортист. Во 1961 година е шампион на Југославија во борење слободен стил. 1968 година бил тренер на македонскиот репрезентативец во борење слободен стил Борче Димовски на Олимпијадата во Мексико. А, од 1975 година е избран за меѓународен судија во борење слободен стил.

Во 2007 го однел Културно-уметничкото друштво „Танец“ во селото Емборе, Кајларско, Егејскиот дел на Македонија. Тој е еден од основачите на Здружението на Сетинци, Попадинци и Крушорадци од Лерин во Македонија и негов секретар, а бил активен соорганизатор на повеќе концерти на македонски културно-уметнички друштва во населени места во Егејскиот дел на Македонија, како и соорганизатор на традиционалните средби на Сетинци, Попадинци и Крушорадци од Лерин во населените места Хиподром, Маџари и Сарај во Скопје, Македонија. Еден е од основачите на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН.

Георги Канзуров беше активно вклучен во голем број активности за промоција и заштита на Македонците по потекло од Егејскиот дел на Македонија, како во Р Македонија, така и во грчката држава. Канзуров е автор на книгата „Достоинствено опстојување“ за македонската голгота за време на Граѓанската војна во Грција, напишана во време од десет години од 2001 година.

Во септември 2014 година при обид да влезе во Грција заради посета на родното место Сетина, со образложение „опасен по безбедноста и внатрешниот ред на Грција” забранет му е влезот во Грција. До крајот на својот живот Георги Канзуров (Јоргос Канцурис по грчки) не добил одговор од Владата во Атина, за причината поради која му е изречена репресивната мерка забрана за влез во Грција.

Оттука, логично се поставува прашањето, како еден човек како Георги Конзуров, кој додека беше жив, во поодмината возраст, можеше да биде закана за грчката национална безбедност? Апсурдноста и нехуманиот однос на грчките власти е во тоа што не му дозволија да го посети своето родно село до крајот на неговиот живот. Да се надеваме дека постхумно, неговата забрана ќе биде тргната и како утеха за неговото семејство ќе биде задоволена, ако може така да се каже, една голема човекова неправда!!

Погребот на Георги Канзуров ќе биде на 11 јануари 2025 година, сабота, на гробиштата во Бутел, Скопје. Во капелата ќе биде изложен од 10 до 11 часот.

Поврзани вести