Skip to main content

Имероски: Ќе се залагаме за решавање на најсуштинските проблеми во Општина Дебар

Советот на Општината претставува орган и тело на општината каде што се носат одлуките за секојдневниот живот на граѓаните а со ваша масовна поддршка, таму ќе го носиме вашиот глас, вашите потреби и вашите надежи. Ќе се бориме за подобар плански развој на градот Дебар и руралните средини, рече Мухарем Имероски, носител на кандидатската листа за советници во Советот на општина Дебар, на јавниот собир на Коалицијата предводена од СДСМ.

Според него еден од најсуштинските проблеми на граѓаните во руралните населени места, за кој ќе се залагаат да се надмине, е немањето на урбанистички планови односно неможноста да градат легално.

Граѓаните имаат суштинска потреба од градби на семејни објекти посебно во руралните средини, токму заради тоа има потреба од итно донесување на урбанистички планови за сите рурално населени места, надвор од градот Дебар, посебно во населените места: Горно и Долно Косоврасти, Могорче, Рајчица, Татар Елевци, Џепиште и Отишани. Нашата цел е ова проблематика да биде прва задача во Советот на општина Дебар, најави Имероски.

Презентирајќи и други проекти и идеи „во интерес на сите жители на општината за кои максимално ќе се залагаат“, посочи дека на Дебар и селата им треба нов план за развој и можности, обезбедување можности на младите за квалитетно образование и работа, изградба или реконструкција на инфраструктурата, развој на туризмот.

Знаеме дека нема да биде лесно. Но знаеме и дека кога сме заедно, сме непобедливи. Затоа ве повикуваме сите, Македонци, Албанци, Торбеши, Турци, Египќани и Роми, да застанеме обединети во оваа борба за подобра иднина. Да ја вратиме надежта, да ја вратиме довербата и да овозможиме Дебар да се развива што подобро, порача Имероски.

На собирот се обрати и потпретседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, која порача дека на „19 октомври не одлчуваме само за советнички места туку за тоа дали Дебар ќе има глас што ќе се слуша, глас што ќе ја брани вистината и интересот на граѓаните“.

Дебар е град на вредности, место каде што различностите не се пречка, туку сила. Место каде што луѓето се гледаат во очи со почит, каде што се живее со отворено срце и чесна намера. Нашата борба за нашиот дом е борба и за заедништво, за општини што обединуваат, за Македонија што се гради со љубов а не со поделби. Нашиот најголем адут на овие избори се чесните луѓе, нашите кандидати. Ние пред граѓаните излегуваме со чесна понуда. Овде во Дебар тоа се нашите кандидати за советници, предвоени од Мухарем Имероски, рече таа.

Каранфилова-Пановска зборуваше и за важноста од обединување околу потребата и Македонија да го фати вистинскиот правец, зашто „во изминатата година и половина со ВМРО-ДПМНЕ земјата оди во изолација и целосна економска катастрофа и каде едвај се преживува“.

Во општина Дебар, СДСМ нема свој кандидат за градоначалник а според одлуката на највисоките партиски органи оставаат граѓаните да гласаат по нивно сопствено убедување.