Skip to main content

Фрчковски во трето лице: Власта и МНР направиле срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за проф. Љубомир Фрчкоски

Професорот Љубомир Фрчкоски се огласи со реакција на кривичната пријава против него, квалификувајќи ја како „срамен притисок врз критичарите на власта“. Тој смета дека власта и Министерството за надворешни работи направиле „срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за проф. Љубомир Фрчкоски и неговата функција амбасадор при ООН во Њујорк – за да изврши притисок врз неговите јавни настапи кои се критички кон власта“.

Фрчкоски посочува дека по голема пауза и проценка дали тој ќе молчи или ќе ја критикува власта за погубните политики, МНР сепак одлучило да изврши притисок со „појава на комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на амбасадата на НРМ во Њујорк со цел ширење страв и замолчување“.

„Во пријавата без срам и перде се наведува дека имало: пречекорување на сметките за мобилни (?), поправка на возило без дозвола на МНР (?), земање на аванс за службено патување (иако целиот аванс е вратен во буџетот, сепак МНР не било задоволено (?), вонредни авиобилети по повод смртен случај во фамилија (исто така редовно вратени во буџетот), но МНР пак не било задоволно (?).

Според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци на МНР, амбасадор е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и сите сторени ‘пречекорувања’ се сторени во рамките на неговите законски овластувања“, вели Фрчкоски во реакцијата .

Сепак, според поранешниот амбасадор – најголемо незнаење е манипулацијата со парите добиени од сукцесија (продажба на објектот на СФРЈ) во Њујорк, кои дошле на сметка на мисијата.

„Имено, се вели дека наспроти инструкциите на МНР и финансии, не бил веднаш уплатен во буџетот сиот износ, туку бил уплаќан на неколку рати (сиот износ сепак е уплатен без сомнеж). Тоа било нужно да биде така, бидејќи финансиските служби на Њујорк инсистираат да останат средства од сукцесијата на сметката – како гаранција за наплатен данок. Додека купувачот на објектот не го плати данокот (тој е задолжен за тоа) средства мора да има на сметките на сите републики од бивша СФРЈ во Њујорк – за да може во ситуација на проблем, данокот сепак да биде наплатен од нивните сметки. Тоа е обврскаи задолжение од финасиските власти и сите републики не ги вратиле парите во своите буџети, туку задржале дел на своите сметки на мисиите во Њујорк. Така направила и Македонија. Кога данокот (по една година) е наплатен од купувачот, тиесредства се ослободени за сите републики и тие ги вратиле во своите буџети. Така направила и Македонија. Но МНР бидејќи нема поим за тоа, го обвинува амбасадорот дека не постапил по инструкциите на МНР и Финансии да ги врати сите пари веднаш?! Тој и да сакал не можел. Но тоа е тоа, со законски непознавања останува само лоша намера за притисок по секоја цена“, стои во реакцијата на кривичната пријава професорот Љубомир Фрчкоски.