Skip to main content

Филипче за одбиениот закон за Кочани: Ова не беше момент за политички инает

СДСМ

Денешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери да не го поддржат Законот за помош на семејствата на загинатите и повредените од Кочани, за мене е вистинско разочарување, ова беше момент на одговорност и зрелост, а не за политички инает, истакна претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, по денешната собраниска седница на којашто пратениците од ВМРО ДПМНЕ не го подржаа предлог законот на СДСМ да се најде на дневен ред.

„Од првиот ден по трагедијата во Кочани, СДСМ се однесува со целосна почит, сочувство и одговорност за семејствата на загинатите и повредените.

Не ловевме политички поени, не обвинувавме и дадовме целосна поддршка за институциите да ја завршат работата. Го ставивме страдањето на нашите сограѓани над политиката. Покажавме емпатија и конструктивност – и како партија, и како поединци.

Во тој дух поднесовме закон со кој се обезбедува финансиска помош за семејствата на загинатите и повредените. Без никакави политички намери, со јасна цел – да им помогнеме на оние што изгубија најмногу.

Денешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери да не го поддржат овој закон за мене е вистинско разочарување. Не можам да најдам разумно објаснување за оваа постапка. Не станува збор за политика, туку за човечност, морал и совест кои очигледно пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги немаат.

Државата мора да покаже дека стои зад своите граѓани кога е најмногу потребно. Ова не беше момент за политички инает, туку за заедничка грижа. СДСМ ќе продолжи да се бори за вистински вредности и да нуди и дава поддршка таму каде што најмногу треба“, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека предлог-законот што за поддршка на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани поднесен од СДСМ требало да биде сериозен, одмерен и одговорен обид за системска поддршка. Но, како што коментираат, за жал, тој бил далеку од тоа.

Најпрвин, како човек, ја изразувам својата најдлабока почит и сочувство кон сите семејства што ги загубија своите најблиски во оваа трагедија. Но како пратеник, имам обврска да проговорам за начинот на кој СДСМ се обидува да ја злоупотреби болката на тие семејства за дневно-политички цели.

Овој предлог-закон е делумно неприменлив, делумно влегува во колизија со сопствените одредби, а делумно се преклопува со постоечки законски права. Сето тоа укажува дека станува збор за документ кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за вистинска поддршка.

Дополнително, законот експлицитно ги фаворизира настраданите од одредени настани, игнорирајќи други слични трагедии. Со тоа се воспоставува опасен преседан – правата се темелат на конкретен настан, наместо да се воспостави универзален и праведен систем за сите жртви на несреќи или катастрофи, што го нарушува уставното начело на еднаквост на граѓаните пред законите.

Во исто време, сакам јасно да нагласам дека продолжува континуираната и промптна поддршка од страна на Владата за сите погодени граѓани, како што беше случај и веднаш по трагедијата – кога беа преземени сите потребни мерки за покривање на трошоците за лекување и медицински транспорт во странство. Владата реагираше навремено, одговорно и човечки, и ќе продолжи со таа практика низ институционален, а не политички наметнат пристап – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Поврзани вести