
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на трибина на Социјалдемократската младина на Македонија во Струмица, посочи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е влада која што ја одзема иднината и можноста за прогрес.
Филипче смета дека за една година ВМРО ДПМНЕ ја има урнисано секоја област во општеството.
„Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја урнисаа економијата, направија цените да растат без контрола, да не можат луѓето една кошничка да си наполнат, платите немаат абер да растат во следниот период, во земјоделството се намалија субвенциите – и за откупот на оризот, и за сточарите, и за лозарите, го урнисаа здравството, нè задолжија со седум милијарди евра – пари коишто ќе ги враќаат младите генерации“, рече Филипче.
Според него хаотичната состојба била предизвикана од лошите политики на ВМРО-ДПМНЕ, а државата морало да се врати на вистинскиот европски пат.
„Затоа, сега упатувам јасна порака: да си ја земеме државата назад. Да ја вратиме на вистинскиот европски пат. Многумина прашуваат што е бенефитот? Бенефитот е тоа што тоа ќе биде признание за нашиот идентитет. Затоа што тоа ќе биде начин на којшто поквалитетно ќе се живее. И затоа што влезот во Европа е конечно обединување на сите Македонци“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ вратија:
СДС и Филипче ја уништија надежта на младите, немаат кредибилитет да зборуваат за младите.
СДС и Филипче, им ветија на младите нов студентски град и нови студентски домови, а не добија ништо.
СДС и Филипче, им ветија на младите дека ќе ги вратат заминатите од странство, а не успеаја.
СДС и Филипче, ветуваа реформи во образованието, а не успеаја да обезбедат книги за учениците, добивме пад на Шангајската листа на УКИМ и единствен успех им беше укинување на екстерно.
СДС и Филипче, ветуваа стартап село, а не добивме ништо од ова.
СДС и Филипче, ветуваа покачени стипендии, за на крај да не ни исплаќаат стипендии, а за најдобрите студенти и ги укинаа.
СДС и Филипче, секојдневно ги лажат младите кои очигледно не им веруваат.
Затоа, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се грижи за младите со новиот оперативен план вреден 40 милиони евра, се ставаат во план младите до 29 години, реконструкцијата на студентските домови до 2026 година – проект вреден 17 милиони евра, ваучери од 250 евра за секој студент за нов електронски уред, како и помош до 30000 евра за стартап за младите до 29 години, студентски оброк ќе добијат и постдипломците и студентите на интегрирани студии од државните и приватните универзитети, а зголемен е студентскиот стандард во споредба со 2024 година за 18%, додека пак ученичкиот за 12%.
Ова е разликата помеѓу оние кои работат за младите и оние кои зборуваат напразно.