Skip to main content

Фатон Сељами е предлогот за нов Народен правобранител

Собраниската Комисија за прашања на избори и именувањата денеска ја утврди одлуката Фатон Сељами да биде избран за нов Народен правобранител, на местото на Насер Зибер кој замина во пензија. Комисијата предлог-одлуката ќе ја проследи до Собранието.

Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски информира дека на огласот за избор на Народен правобранител биле пријавени 17 кандидати – Илбер Руфати од Кичево, дипломиран правник и магистер по правни науки, Мухамед Ходаи од Тетово, дипломиран правник со положен правосуден испит, Аљбан Кардиу од Тетово, дипломиран правник, магистер со положен правосуден испит, Миле Арсениевски од Скопје, дипломиран правник со положен правосуден испит, Светислав Јовановски од Куманово, дипломиран правник, Фатон Сељами од Тетово, дипломиран правник, магистер по правни науки со положен правосуден и нотарски испит, Шемши Салаи, од с. Добри дол. Општина Врапчиште, дипломиран правник и магистер по правни науки, Фехми Стафа од Скопје, дипломиран правник со положен правосуден испит и нотарски испит, Доан Сулејмановски од Прилеп, дипломиран правник и магистер по казнено право со положен правосуден испит, Николче Петковски од Скопје, дипломиран правник специјалист по правнинауки со положен правосуден испит, Феузи Џафери од Гостивар, дипломиран правник и магистер по дипломатија, адвокат, Дритон Небиу од Скопје, дипломиран правник и магистер по човекови права и демократија, Шпенд Фидани од с. Добр Дол, Општина Врапчиште, дипломиран правник и магистер по казнено право со положен правосуден и нотарски испит, Фатмир Емрулау од с. Стрелци, Кичево, дипломиран правник со положен правосуден испит и работи како адвокат во сопствена адвокатска канцеларија, Илир Рамадани од Кичево, дипломиран правник и магистер по правни науки, Емран Исмаил, дипломиран правник и магистер по меѓународно право со положен правосуден испит и Фадил Џелили, дипломиран правник и магистер по правни науки со положен правосуден испит, работи како адвокат во сопствена адвокатска канцеларија.

Беким Ќоку, пратеник од Коалицијата ВРЕДИ го предложи Фатон Сељами за кандидат за Народен правобранител. Ќоку истакна дека Сељами е од Тетово, оженет и татко на три деца. Посочи дека има завршено Правен факултет во Универзитетот во Тетово и постдипломски студии во Универзитетот на Југоисточна Европа. Потенцира дека имал долго работно искуство во областа на одбрана и промовирање на човековите права. Работел во Агенцијата за информации, до 2008 работел во Комисијата за заштита на правата за слободен пристап на информации од јавен карактер. Од октомври 2008 година бил вработен во канцеларијата на Народниот правобранител во Скопје. Во 2018 бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда и од 2020 е вработен во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 година работел како раководител на одделение за политички систем во Министерството за правда. Ќоку нагласи дека Сељами ги исполнува сите услови и критериуми кои се поврзани со оваа функција и побара поддршка да се изгласа неговиот предлог.

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска нагласи дека во иднина за вакви сензитивни клучни функции би требало порано да ги детерминираат и детектираат сите овие состојби и да има еден транспарентен, навремен процес за да бидат информирани и граѓаните и пратениците.

Се знаело стапувањето на условите за пензија се на 12 јули и сме можеле барем месец дена пред тоа да ја започнеме целата процедура и врз основа на тоа да не влеземе во еден цајтнот и да останеме без Народен правобранител. Независно дали согласно законот имаме обврска или немаме обврска за интервју на овие 17 кандидати, сепак за јавноста би било можеби многу потранспарентно и посоодветно ако имавме една јавна расправа преку нивно преставување за да ја видиме и визијата и мисијата и нивната рамка и стратегија како мислат да функционираат овие кандидати. Сметам дека во моментов немаме соодветна транспарентност, туку преку трупа ја истеравме цела оваа процедура. Во иднина за вакви сензитивни клучни функции би требало порано да ги детерминираме и детектираме сите овие состојби и да имаме еден транспарентен, навремен процес за да бидат информирани и граѓаните, но и ние како пратеници – рече Лукаревска.

Сајкоски нагласи дека Собранието не било известено дека Народниот правобранител исполнува услови за старосна пензија и затоа веднаш по добивањето на информацијата дека му истекува мандатот о основа на пензионирање ги вложиле сите напори за да се отпочне постапка за избор на Народниот правобранител.

Арбана Пашоли, пратеничка на Европскиот фронт истакна дека не може по секој основ да се замолкнат пратениците од опозицијата да земат збор и да го бараат потребното време за да ги дадат и искажуваат нивните предлози и сугестии.

Не може со притисок да кажете да гласаме и да прекинуваме. Ова не може да се толерира. Ова не се случува само на оваа Комисија, туку и во другите комисии. Пред два се случи, за жал, кога го ставивте второто продолжение на 53-та седница каде на дневен ред е Изборниот законик и кога видовте дека сите пратеници Албанци од опозицијата влегоа на седница, тогаш ја прекинавте. Овие политички игри треба да прекинат. И ако ви се ангажирате за парламентарна демократија, треба да ни го дадете целото потребно време да ги изразиме мислењата и да не слушате – рече Пашоли.

Пратеничката на Алијансата за Албанците, Илире Даути потенцира дека не сака да навлезе на професионалните способности на кандидатот што го предложи коалицијата ВРЕДИ бидејќи, како што рече, можеби и сите кандидати горе-долу можат да бидат со истите способности и можат професионално да ја извршат професионално работата.

Од самиот факт што немаше претходна консултација и детално не се објаснети причините зошто една коалиција излегува тука и предлага и вели дека стоиме позади ова лице и овие се причините, за мене лично значи не му е доволен аргумент ова лице да се избере поради предлогот на некоја политичка партија – рече Даути.

Досегашниот Народен правобранител Насер Зибери на 12 јули 2025 година исполни услови за старосна пензија. Собранието на седницата одржана на 10 јули 2025 година донесе одлука за распишување оглас за избор на Народен правобранител, кој траел 10 дена.

Согласно член 5 од Законот за Народен правобранител, тој се избира за време од осум години со право на уште еден избор. Согласно член 9 став 1 од Законот за Народниот правобранител, функцијата Народен правобранител престанува кога тоа сам го бара, е избран или именуван на друга јавна функција или ги исполнува условите за старосна пензија.

Согласно член 6 став 1 од Законот за Народен правобранител може да биде избрано лице за народен правобранител кое ги исполнува општите услови определени со закон за основање на работен однос – да е државјанин на Република Македонија, да е дипломиран правник кој има работно искуство над 9 години на правни работи и лице чија активност е докажана во областа на заштита на правата на граѓанинот и ужива углед за вршење на функцијата Народен правобранител.

Комисијата ја утврди Одлука за изменување на Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“.

Членовите на Комисијата за изборите и именувањата го усвоија барањето за остварување право на плата по престанок на функцијата член на Судскиот совет на Република Македонија, Миљазим Мустафа, кој фрункцијата ја извршуваше од 9 јули 2009 година до 9 јули 2025 година.

Утврдена беше и Одлука за изменување на Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“.

Пратениците членови на Комисијата од „Европскиот фронт“ во знак на протест ја напуштија седницата поради неприфатливиот однос и луѓето кои, како што рече пратеничката Даути, минираат се што претставува елемент на демократија во земјава.

Поврзани вести