
Единствено прифатливо решение со Бугарија е одложена примена на уставните измени, сакаме гаранции и јасно исцртана тратекторија и предвидливост на патот кон полноправно членство во ЕУ, брифираат извори од Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Според изворите, Владата е посветена кон дијалог и се работи на изнаоѓање решение коешто ќе значи предвлидливост, бидејќи, како што велат, доколку ги усвоиме уставните измени и повторно после неколку месеци се доведеме во ситуација на билатерализација, штетата ќе биде голема за репутацијата на ЕУ и кај нас, како и по регионот во целина.
Водиме дијалог, сакаме дијалог којшто ќе значи јасен пат напред во процесот на преговори, но се уште не сме во ситуација да имаме јасна слика дека по уставните измени нема да имаме повторно билатерализација на процесот, и затоа сме на нашата позиција дека единствено прифатливо решение е уставни измени со одложена примена, бидејќи сметаме дека така ќе се заштитиме и така ќе имаме и мотивација кон другата страна да не продолжува да билатерализира, туку да го поттикнува нашиот пат напред, брифираат изворите од МНР.
Изворите велат дека во соопштението на бугарското МНР по средбата на шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Георг Георгиев во февруари, тие јавно кажале дека уставните измени се само за отворање на преговорите и оти од моментот кога ќе се отворат преговорите постои опасност повторно да се сведеме на билатерални прашања и поради тоа дипломатската активност е насочена да се спречи тоа.
Велат дека најголем дел од напорите на Владата во последните неколку месеци се насочени кон ова прашање. Потсетуваат дека кога се појавило ова решение во 2022 година, односно внесувањето на Бугарите во Уставот како услов за отворање на преговорите, претставници на ЕУ и на одредени земји-членки пренеле на сегашни претставници на власта, дека не очекувале дека тогашната влада ќе го прифати ова решение, пред се поради недостигот на капацитет да се испорача.
Но, како што додаваат извори од МНР, тие биле убедувани од претходниот министер за надворешни работи како и од вицепремиер, кој сега не е во државава, дека имаат јасен, конкретен план, како да испорачаат двотретионско мнозинство во Собранието.
Според изворите од Министерството, во следните неколку месеци во Софија постои можност за повторна средба меѓу Муцунски и Георгиев, во рамки на меѓународна конференција.
Во однос на гласањето на уставните измени, и кога тоа би се случило, тие велат дека ќе застанат зад таков процес кога државата ќе има јасен и предвидилив пат дека ова е последното билатерално прашање кое и се поставува на државата во однос на европската интеграција.
Во однос на помошта на САД за нашето полноправно членство кон ЕУ, со оглед на актуелната геополитичка ситуација, изворите велат дека САД имаат стратешки интерес ние да се движиме напред на патот кон полноправно членство кон ЕУ и изразуваат уверување дека и со оваа администрација ќе остане истиот пристап.