Skip to main content

ДУИ повторно побара предвремени избори, ова било моноетичка влада


ДУИ преку соопштение порача дека владата предводена од Христијан Мицкоски не успеала да ја одржи функционалноста на меѓуетничката демократија – или како што велат, главниот столб на долгорочната стабилност на државата. ДУИ смета дека „со заминувањето на уште еден албански партнер, политичкото мнозинство без етнички легитимитет се трансформираше во моноетничка влада“.

„Предупредувавме за ова уште од самиот почеток на создавањето на ова парламентарно мнозинство, бидејќи тоа беше изградено врз монструозната амбиција да се дисциплинира цел конститутивен народ и, според нивните зборови, „да им се покаже местото на Албанците“. Она што е особено загрижувачко е фактот што, наместо да ги признае своите неуспеси, премиерот предупредува на уште поостра и поагресивна кампања за зачувување на континуитетот на оваа моноетничка влада“, посочуваат од опозициската партија.

Од таму додаваат:

„Наместо да се прифати реалноста дека граѓаните бараат предвремени избори, ароганцијата и агресивноста веќе се демонстрираат на терен преку уцени, инсценирање и поткуп. На јавната сцена, владини претставници упатуваат закани дека „правдата ќе биде спроведена“ врз оние што го критикуваат премиерот, додека зад сцената се одвива срамна уцена врз пратениците, функционерите и администрацијата – Албанци, Турци и други претставници на немнозинските заедници, со цел да се обезбеди некаков вид лажна мултиетничка поддршка за оваа влада“.

Според партијата на Али Ахмети, овие очајнички обиди да се добие некаков легитимитет ќе пропаднат, но ќе остават зад себе длабоки последици во меѓуетничките односи.

„Секој ден кога оваа Влада ги отфрла барањата на Албанците е уште еден ден во отстранувањето на Албанците од државните процеси. Ова парламентарно мнозинство не успеа во клучните стратешки интереси на државата и затоа се распаѓа. Време е легитимитетот на политичките претставници да се преиспита преку предвремени парламентарни избори“, заклучува ДУИ.

Поврзани вести